На 27 километри од браната во Маврово, на патот кон Дебар, од левата страна се наоѓа селото Јанче. За топонимот се претпоставува дека доаѓа од турскиот збор јан - што би означувало дол, иако не сум сигурна многу во веродостојноста, бидејќи Јанче се простира на рид.
Патувајќи накај Јанче, се сетив на една легенда врзана за ова село која ја отсликува климата во овој дел. Имено, според кажувањата на старите, времето во Јанче е секогаш исто како во Солун! Чудно но, велат истите тие, дека тоа многупати се докажало.
Јанче е село со педесетина куќи. Тефик Тефиковски-Тутто е човекот за кого велат дека сака од Јанче да направи - варош. Го најдовме во хотелот „Тутто“, оддалечен само еден километар од регионалниот пат Гостивар-Дебар. Хотелот има прекрасна локација. Сместен во ридско-планинскиот предел на подножјето на Бистра, од него се отвора прекрасен поглед кон селото, чии куќи сè уште имаат специфична градба и стара архитектура. Мислам дека останаа малку села во Македонија што ја задржуваат својата автентичност. Дури и оние што полека „се будат“ и прават напор да го оживеат селскиот туризам, како да прават една голема грешка. Се градат нови куќи, се обновуваат старите, но притоа не се води сметка за автентичноста. Новите куќи по македонските села прилегаат на градски. Но дали е тоа она вистинското?
Во Јанче се сретнавме со поинаква состојба. Куќите се реставрираат и притоа се задржува не само автентичниот изглед туку се користат и старите материјали од кои некогаш се правеле македонските куќи. Земја, камен и дрво. И - толку. Нема бетон, нема железна арматура, нема поликолор, нема лак ниту современи топлински и звучни изолатори. А сепак куќите изгледаат стокмено, топло и убаво.
„Порано овој народ одел во гурбет само да купи шајки. Сè друго имало тука“, вели Тефик, и додава: „Но многу години поминаа и селаните се раселија. Ги запустеа и ги затворија куќите. Отидоа во печалба, а всушност се иселија. Но мислам дека доаѓаат подобри времиња. Како да имаме ’дупка’ во традицијата, се кршат катанците на старите куќи, се отвораат прозорците, влезе ветар во нив.
Полека но сигурно луѓето или нивните потомци се враќаат. Овој регион е роден за душа. Тука луѓето едноставно ги губат мислите“.
Тефик на времето со подбив го викале калџија. Денес овој „калџија“ на големо го турка проектот „Чиста земја“. Најголемиот дел од занаетот го учел во Италија на реставрација на стари куќи и оттаму всушност сè започнало. „Ни таму не беше лесно на почетокот. Луѓето тешко веруваат, но тоа не значи дека не треба да се убедуваат“, раскажува Тефик.
Но што, всушност, значи чиста земја? Значи градба само од непечена земја. Градба од тули направени од природни материјали (ќерпич), каде што каменот е „арматурата“ на куќата, а големи трупци дрво - носечка конструкција. Топлинската и звучната изолација се решава со слој земја, а се користат и гранки и слама. Приодот кон куќите е изработен од парчиња камен, а бојата со која се бојосани ѕидовите е всушност микс на земја, кој едноставно се нафрла по „влажните“ ѕидови, создавајќи притоа автентични, со околината, соодветни шари.
Но доколку помислите дека тоа е едноставна работа, ќе ве разочарам. Не секоја рака може да направи тула. И да изѕида ѕид. Мора да се верува и да се има душа, за да живее стотици години.
Само врвни мајстори се способни да градат вакви куќи, а нив кај нас, за жал, ги има многу малку. Можеби токму затоа и студентите по архитектура беа таму, да учат од старото, од она што опстанало повеќе од триста години.
Во овој момент, десетина куќи во Јанче се реставрираат. И тоа со најдобрата, дебарска земја. Од стари плевни се раѓаат „нови-стари куќи“. Целта е истите потоа да се издаваат, за да се развива еколошкиот туризам. „Ние сме таков народ - при убавина сме слепи“, вели Тефик. А дека силно верува во проектот ,,Чиста земја“, Тефик докажува и со изградбата на сопствената куќа. Таа се наоѓа веднаш до (или, подобро речено, под) хотелот. Навистина е интересно како трикатна куќа е сместена во земја. Како корен на хотелот, кој пак ја нуди сета удобност: сателитска програма, wirelees, семинарска сала, апартмани и најважно од сè - прекрасен поглед. Покривот на хотелот е прекриен со слој земја од десет сантиметри, што му дава топлинска и звучна изолација. Исто така, под хотелот се наоѓа и систем на отвори, преку кои се „филтрираат“ отровните гасови од земјата.
Од Јанче, сè е на дофат на раката. Ледничкото езеро Локув, пештерата Шаркова Дупка, Дебарски Бањи и, секако, „повредениот“ но нескршениот манастир „Св. Јован Бигорски“. Голем е изборот на убавини што може да ги доживеете и, секако, да пробате аландити. За помалку упатените, аландитите или, како што уште ги нарекуваат, валангии, се подготвуваат од брашно, вода, сол, путер и, по желба, мелени или толчени ореви.
Оригиналниот рецепт вели дека еден килограм брашно се замесува со половина литар млака вода, до густина на тесто за палачинки. Потоа, на голема намрсена тава се става тестото со црпалка и се запечува од двете страни. Исто како и палачинките. Испечените кори се редат во тава и секоја се попрскува со стопен путер и засолена вода по желба. На секоја трета кора се додаваат толчените/мелените ореви. Кога целото тесто ќе се испече и ќе се наредат сите кори, се сече како баклава и се запечува малку во рерна.
Начинот на подготовка многу потсетува на тури-потпечи, односно ѓомлезе, со таа разлика што корите тука се благи и многу подебели.
Часовникот во Јанче дигитално отчукува наназад. Во она време кога луѓето си велеа добар ден, иако не се познаваа. Во некое време кога намерникот со насмевка се пречекувал. Со полно срце и со чиста душа.
Затоа, во Јанче не се доаѓа случајно туку - намерно. Заради чистиот воздух, заради нечепнатата природа, заради ноќите што посебно светкаат. Во ова место со педесетина куќи, една црква и една џамија, нештата течат природно, како и звукот на Радика.
Ех, ова моја чудесна земја.