Мојата чудесна земја е место кое ја полни душата и го исцелува телото. Во буквална смисла. Одам за Дебар каде планетата земја штедро ги исфрла на површината своите лековити дарови.
Дебарското Поле се простира меѓу падините на Дешат, Дебарското Езеро и долината на Црн Дрим. Овде, се наоѓа единствениот гипсен релјеф во Републиката, а во нејзините рамки избиваат термоминерални извори. Дебарската котлина има блага медитеранска клима во лето, и планинската клима во зимо.
Бањи Цапа
Термоминералните води се прочуени и се вбројуваат меѓу најпознатите бањски лековити води во Европа и светот за лекување на разни болести. Овие бањи (познати како бањи Цапа, има две), со надморска висина од 600 м. (с. Косоврасти, во близина на Дебарското езеро) односно 900 м. (с. Баниште) во суштина се малку познати во пошироката јавност, но не и во стручната.
Водечката институција за испитување и рангирање на минералните води на бањите во светот АКАУ (Швајцарија), по извршените анализи на лековитоста на термоминералните води, има констатирано дека термоминералните води поседуваат исклучителни карактеристики, особини што ги немаат другите минерални води, и во себе содржи повеќе елементи што придонесуваат за успешно лекување на повеќе болести.
Токму затоа за квалитетот на термоминералните води Дебарските Бањи се рангирани на прво место во Европа а трето во светот.
Термоминералната вода во комбинација со терапиите помагаат за лекување 35 вида болести и тоа: за болести на локомоторниот апарат, на нервниот систем, гастроинтестиналниот систем, респираторниот систем, уро-гениталниот систем, потоа за ендокрини, ортопедски, кожни и други заболувања.
Објекти во Дебар
Во непосредна близина е гипсената пештера Алчија, заштитено подрачје во категоријата - споменик на природата. Нејзините јасно провидни кристали се со изразена должина која достигнува до 7 м што и дава на пештерата извонредна убавина.
Во рамките на урбаната структура на Дебар егзистираат повеќе споменички добра од различни периоди на историскиот развој на градот. Стариот амам кој потекнува од XVI век и Новиот амам изграден во подоцнежниот период, ги носат одликите на класичните традиции во градењето на овој тип објекти.
Најстар исламски сакрален објект во Дебар е Хјункер џамијата која потекнува од втората половина на XV век, но радикално е обновена во педесеттите години од XX век при што изгубила дел од своите споменички вредности.
Долнореканските киски
Долнореканските моми и жени со вештината која ја наследиле и научиле од нивните мајки и баби, прават вистински чуда од областа на рачната изработка. Изработуваат шамии со киски (висулци), од монистра, клабодан, свила, волница или волнена преѓа, везени, исплетени и исткаени. Етно накит Made in Macedonia кој допрва ја очекува својата светска промоција.
Ех, оваа моја чудесна земја.