Главниот град на мојата чудесна земја има нешто што ниедна друга метропола ја нема - вистинска планина на само 2км од центарот.
Водно за Скопјани e вакцина против тоталното одродување од природата. Кон него се вперува поглед за да се процени дали утре ќе врне или пак ќе биде пекол, до каде сме со загадувањето, дали дојде пролетта… Водно е ангел чувар, психолог и белите дробови на Скопје.
До врвот водат повеќе патеки со различна тежина, уредени попатни станици за одмор, трим патека, чешми со бистра планинска вода а на врвот Крстовар 1066м. планинарски дом и огромниот Милениумски Крст подигнат во чест на 2000 годишнината на христијанството.
По една од патеките низ лозјата во подножјето на Водно се искачуваме до Нерези – манастирска црквичка од 11 век.
Ренесансата започнала во 1305 година во капелата Арена во Венеција кога Џото ги насликал првите фрески со емотивен набој.
За подигањето на црквата во 1164 година сведочи натписот на мермерниот надвратник.
На овој камен е запишано "Се разубави овој храм на великиот и славен Великомаченик Пантелејмон во 1164то лето господово.
Фреската „Оплакувањето на Христос“ е всушност предвесник на Ренесансата зошто е насликана 150 години пред Џото.
Оваа композиција во Нерези ги има сите елементи кои ја карактеризираат и фреската на Џото.
Св. Богородица е насликана како мајка која плаче над мртвиот син. Нејзиното лице е во грч на длабока болка а погледот е вперен во лицето на синот кого што го држи во драматична прегратка.
Знаете ли што е најубавото овде? Тоа е фактот што и денес после 10 векови во Нерези сеуште се слуша детскиот плач при крштевка и песната на отецот кој младите ги спојува во свет брак.
Прошетката ќе ja продолжиме oд јужната страна на Водно во атарот на село Говрлево – ”место на светите води”. Овде има извори и потоци на сите страни а упатените доаѓаат да преспијат во црквичките и да се освежат. Велат кој ќе се напие – ќе се подмлади!
Сигурно сте чуле за Адам од Македонија.
Мало керамичко торзо од времето на Неолитот за кој научниците велат дека е единствен археолошки раритет во светот, кој спаѓа меѓу 10-те светски најзначајни археолошки наоди и претставува споменик на човештвото.
На овој локалитет е пронајден Адам од Говрлево, артефакт кој докажува дека овде постоела цивилизација најмалку 7000 год. пне. како и жртвениците во форма на женско торзо наречени „Големата мајка” света заштитничка на домот и огништето која иљадници години со необичен мир бдее над оваа земја.
Ех, оваа моја чудесна земја!