Вода. Животна течност, нашата прва лулка, вечна утеха и лек. Има нешто што те смирува кога гледаш во ова бесконечно синило, што те прочистува и доближува до возвишените нешта.
Дали Св. Еразмо и Климент го чувствувале истото кога пред 1000 години гледале во овој пејзаж? Која е таа божја енергија која лебди над местово? Што ли е тоа поради кое се кршеле и - сеуште се кршат копја над правото на ова мистично место.
Охрид и неговата чудесна енергија се божјо дело и жив споменик на човештвото.
Охрид е една од најстарите човечки населби во Европа со археолошки наоди од периодот на Неолитот. Бројните наоди на материјална култура стара и со старост и до 5000 години, го прават вистински бисер за археологијата.
Античкиот град Лихнид се наоѓа во срцето на модерниот Охрид. Низ него поминувала Виа Игнација, римската магистрала која ги поврзувала Дирхакиум (денешен Драч) на Јадранот, со Лихнид (Охрид), Солун, Перинт (подоцна Хераклеја) со Константинопол (Истанбул) на Босфор.
Царот Самуил пред повеќе од 1000 години го одбира за престолнина на првата држава на Македонските словени.
Петар Чаулев, истакнатиот борец за слободна Македонија е роден токму овде во Охрид. Водач на востанијата кои се случиле по поделбата на Македонија, до последен здив работел на идејата за нејзиното ослободување.
Дали сте знаеле дека, едното од езерата на Сатурновата месечина Tитан го носи името според Oхридско езеро?
Ееех... како се вели? Ништо не е случајно.
Охридското крајбрежје е надалеку прочуен туристички центар со автентични специјалитети. Но сепак трагајќи по вкусната храна морав да дознаам каде се спрема Ѓомлезето на древен начин. Некогаш закуска за аргатите а денес - врвен специјалитет!
Кај Милчо во Велгошти ми ја открија тајната на неповторливиот вкус.
Преданието вели шест дрвени чунови, гонети од четириесетина искусни веслачи, пловеле кон Пустец. Веслале со сета сила зошто небото над Свети Заум почнало да се смрачува. А водата - како мртва. Како од ништо створен, студен бран долетал по сртот на планината и го голтнал чунот на предводникот. Mиг потоа, невидлива сила ги кренала шестe чунови и ги фрлила во водата. По необичниот настан езерото повторно потонало во молк. Црквичето кое мирно се огледува во водата е изградено велат - за божја заштита и ЗА УМ.
Неможам да се изначудам на бистрината на водата, чиниш може да се види дното дури и во неговите најдлабоки делови, кои достигнуваат безмалку тристотини метри. Овие води вријат од живот на главно ендемски видови како езерскиот сунѓер, планктонот, Oхридска јагула Охридска пастрмка и...
Дали знаете ли што ги поврзува Охридското и Бајкалското езеро? Двете се најстари на светот, имаат воодушевувачка убавина и... една малечка рипка која живее и во двете. Латински Alburnus alburnus, по Охриски - плашица.
1928 година, Јован Субанович, руски емигрант по потекло од големиот Бајкал ја споделил тајната на вештачките бисери со Михајло Филев.
По таа рецептура неговите наследници и ученици до ден денес изработуваат прекрасен накит.
Велат Охрид има 365 цркви. За секој ден од годината по една.
Овде, апостолот Павле христијанството го проповедал во I век од нашата ера.
Првиот словенски Архиепископ и основач на Македонската православна црква, за вечни времиња славениот Св. Климент Охридски го претвора Охрид во Европски центар на средновековната писменост.
Но, мене при срце ми е оваа - посветена на Христос како Божествена Премудрост - Св. Софија, во старо време соборна црква на Охридската архиепископија.
Според научните сознанија единствено овде, во најголемата галерија на архиереи во светот, насликани се сите христијански големодостојници на истокот и западот заедно:
Поглаварите на Цариградската патријаршија и шестмината римски папи, архиепископите на Александриската, Ерусалимската и Антиохиската патријаршија, на Кипарската и на старите угледни малоазиски епископии. Тука се и ликовите на словенските просветители - Св. Кирил Филозоф, Св. Методиј и нивниот ученик Св. Климент Охридски. Композициите се сликани пред конечниот расцеп на источната и западната црква во 1054 година.
Ниту во Патријашијата во Цариград ниту во Ватикан нема ваков пример за христијанско заедништво како овде - во вечниот Охрид.
Ех Охридe... поголем си и од самиот живот.