Духот на минатото
Културно-историското наследство на територијата
на Македонија е исклучително богато и разновидно, составено од многубројните трајни белези кои се и вистинските веродостојни сведоци за животот на ова парче земја.
 
 
Историјата раскажува дека во новооснованите територии на Балканскиот Полуостров, Турците-османлии веднаш воспоставувале своја управа. 
Така со заземањето на Скопје и Скопско, овој град станува средиште на краишките војводи, припадници
на старата племенска османлиска аристократија. 
Треба да се истакне дека краишките војводи и нивните потомци не биле само освојувачи, туку и градители на многубројни објекти: задужбини кои претставувале јадра на урбаниот живот. Затоа и немојте да се изненадите доколку во Скопје прашате некој старец 
од каде е, бидејќи може да ви одговори и вака:
- Од местото каде што минарето е без темел, 
а калдрмата повисока од камила.
 
 
Гази Иса-беговата џамија се наоѓа на просторот 
северно од Султан-Муратовата џамија, во близината 
на Бит-пазар. Оваа џамија се вбројува во редот на највредните споменици од исламската архитектура на нашиве простори. Малкумина знаат дека токму тука, пред капијата на џамијата, ќе го најдат и чинарот стар пет века, за кој се верува дека лично го засадил Иса-бег. Според преданието, верувал и ја посакувал вечноста.
 
 
Иса Бег
 
Иса-бег е син на Исхак-бег и внук на паша Јигит-бег, освојувачот на Скопје. Неговото владеење се совпаѓа 
со периодот на најголемите успеси на Турската Империја и, всушност, внукот на освојувачот на Скопје бил господар и султанов намесник со широки овластувања и права над едно огромно пространство.
 
Во денешен жаргон би рекле дека Иса-бег бил „полн како брод“. Но овој човек парите ги вложувал и во архитектура. Малкумина знаат дека Чифте амам и Капан-ан постојат токму благодарение му нему, 
а заедно со Безистенот и деветнаесетте дуќани што 
ги наследил од својот татко подоцна ги заветувал за одржување на медресата со десет одделенија и едното теќе, кое исто така го изградил. Во медресата, пак, во тој 15 век се наоѓал најголемиот фонд на ракописни книги од разни области.
 
 
Историјата не го памети точниот датум на раѓање ниту, пак, на смртта на Иса-бег. Во натписот на оваа џамија од 1475/6, тој се споменува како покоен, бидејќи џамијата е градена неколку години по неговата смрт, тука, непосредно до чинарот, а толку стар чинар има само уште на Кипар, во Бурса и во Охрид.
Но иако оваа џамија му е посветена нему и изградена како негова задужбина, се претпоставува дека Иса-бег
е погребан во Царевата џамија во Сараево, град во кој исто како и во Нови Пазар, ги правел основните агломерации и урбанистички проекти за иднината.
 
 
Иса-беговата џамија била тешко разурната во катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година. Тремот бил комплетно разурнат, по ѕидовите имало огромни пукнатини, а и минарето останало без ќулав. Со интервенциите на Заводот за заштита на спомениците на културата, овој споменик повторно „стана и се издигна“.
На времето, Иса-беговата џамија заземала широк појас 
и имала голем двор во кој се наоѓале гробишта со многубројни надгробни споменици. 
Тука се наоѓаат нишаните (гробовите) на неговиот син Мехмед-бег и на внукот Бали-бег. На гробиштата се наоѓал и нишанот на Накие-анама, мајката на познатиот турски поет Јахја Кемал.
 
 
Ех, оваа моја чудесна земја.