Штип - град на серенади и луѓе со широка душа
Распослан на двете страни од реката Брегалница, Штип е светилник со тврдина на ридот ( Исар), што чува стража.
 
 
Град на цркви, џамии, бањи, антички локалитети, училишта, автентична архитектура, локални специјалитети... 
 
 
Штипска традиција е на денот на пролетта млади луѓе, оние кои сеуште не ги одбрале своите животни сопатници, оние кои не ја пронашле својата љубов, да се искачуваат на Исарот. 
 
 
Искачувајќи се по пат секој од нив собира по 40 каменчиња. Кога ќе дојде на врвот, 39 каменчиња фрла зад себе, а 40-тото го чува. Ноќта, кога ќе си легне да спие го става под перница верувајќи дека кого ќе го сонува таа ноќ, со него и ќе се земе. На слегување од Исарот треба секој да се поздрави со 40 луѓе. Некои прават 40 пукала на ламарина (Пуканки од пченка подготвени на стар начин), а некои богами испиваат и по 40 чашки ракија, што јас искрено не би ви препорачал. Симболиката е заради 40-те маченици на кои е посветена една од четирите цркви на Исарот. 
 
 
Можеби токму ова камче е она кое го стави Ленка Пингова под својата перница таа ноќ кога го сонуваше Кољо Велковјо. Тоа ќе остане засекогаш тајна. Она што остана е преубавата песна за нив која стана заштитен знак на градот. 
 
Ракувањето со добронамерници е секогаш добредојдено и нема да бројам со колкумина ќе се ракувам. 
 
 
Во Штип има повеќе маала. Леваци, Деснаци, Сењак, Промаја, а од постарите се: Стар Конак, Исар, Кадидере ( Судиска река), Бабите итн.
Интересна е легендата за Бабите. 
Едно време во март или по старо во Марта, една баба пасејќи ги козите му се потсмевала на февруари или Сечко со зборовите: Тиц козо јарина, плукам сечко брадина. 
 
 
Тогаш Марта го замолила Сечко да и позајми неколку студени февруарски денови за да се справи со навредите од бабата. Откако Сечко се согласил задувал еден силен ветер, фатил голем студ и козите и бабата се скамениле за век и веков. На местото од камењата денес никна современа населба „Бабите“, но оние кои го познаваат Штип многу добро знаат какви студени зими има и сето тоа заради една чудна баба во оваа моја чудесна земја. 
 
 
Ова е дом на срдечни луѓе, докажани домаќини. Го отвараат срцето за сите кои сакаат да откријат парче од Шчипската душа. 
Град со богата историска меморија, но пред се Штипе град со душа!
 Во далечната 1924 година рускиот музичар Сергеј Михајов ја изведува операта „Паљачи“ што претставува прва опера поставена во Македонија.  
 
 
Штип е еден од ретките градови во Македонија со сопствен бренд. Всушност, се работи за два бренда – едниот е специјалитет од рачно месено тесто, маст, мевца и јајца, печено во фурна на дрва. Погодувате нели? Пастрмајлија. Велат, некогаш се правела со пастрма и имала карактеристичен ориентален вкус.
 
 
Ова е дом на срдечни луѓе. Го отвораат срцето засекој што сака да открие парче од шчипската душа.
 
 
  
 
 
Вториот бренд е Штипската серенада. Штипјани велат, боеми и серенади сеуште постојат.
 
 
Еееех, каква убавина во тагата…