Еве не во легендарното „Ново Село”.
Местото воопшто не е ново - датира пред 13тиот век. Некои велат, со населувањето на турско население во центарот на Штип истакнатите семејства сакајќи да се дистанцираат од колонизаторите се населиле на крајот од градот нарекувајќи го местото Ново Село.
Има необично бурна историја.
Овде се родени Тодор Александров, контраверзниот Ванчо Михајлов, Народниот херој генерал Михајло Апостолски – Командант на сите партизански сили во Македонија за време на втората светска војна. Архиепископот Охридски и Македонски Михаил - еден од учесниците на АСНОМ кој остана запаметен по своето ораторство со кое ги надминувал сите архиереји.
Куќите на нивните семејства сеуште постојат.
Во 19 век е центар на борбата против турското ропство. Даме Груев и Гоце Делчев a пред нив и Ѓорче Петров овде биле учители. Гоце Делчев токму овде се зачленил во ВМРО.
Ова е училиштето во кое Даме Груев а подоцна и Гоце Делчев учителствувал до 1896 година. Училиштето до ден денес го задржа автентичниот изглед, а на предната страна денес стои релјеф кој го слави на таткото на нацијата.
Еден од најстарите објекти во Ново Село е и оваа црква. Во тајните одаи во ѕидовите се криеле комитите, а преку тунелот под Епископскиот трон преминувале во селските куќи.
Ова е црквата Успение на Пресвета Богородица ремек дело на Андреја Дамјанов. Место каде што многу често се криел и самиот Гоце Делчев прогонуван од Турските власти.
Раководството на штипскиот Комитет на организацијата прво го извршувал Даме, по него Гоце а на крајот и еден од оснивачите на ВМРО - Петар Поп Арсов.
На левата страна на Отиња е црквата Свети Спас од 14 век, на десната страна е гробот на војводата Мише Развигоров убиен 1907 во една куќа на Исарот.
Во 1899 година се случила Новоселската афера на ВМРО кога ранетиот комита Сандо заобиколен во куќа се борел со аскер од стотина турски војници.
Овде во Ново Село, во знак на одмазда за атентатот врз Генерал Ковачевич биле стрелани таткото и братот на контраверзниот Ванчо Михајлов. Било наредено нивните тела да се остават на мостот, за да се влее страв кај населението. Истовремено, некаде во Пиринска Македонија американецот со македонско потекло Стојан Христов прави интервју со Михајлов. Во неговото подоцнежно искажување сведочи за моментот кога во просторијата влегол човек и нешто му шепнал. Михајлов само климнал и ладнокрвно го довршил интервјуто. Подоцна новинарот раскажува дека токму тогаш му соопштиле за убиството на брат му и татко му.
Доне Стојанов Тошев – попознат како „Дончо штипјанчето” бил курир на организацијата кој пренесувал делови од бомби низ Македонија по налог на Делчев. При апсењето е тешко мачен но не предал никого. Неговото име прераснува во мит за непокорност, верност и издржливост и саможртва а народот го опеал во песна.
На 04 декември 1911 година се случил еден од таканаречените „магарешки” атентати во Штип,
1915 година во црквата Света Богородица во Ново Село е погребан членот на Централниот комитет на ВМРО – Христо Чернопеев кој загинал во борбите на Криволак.
На 22 Октомври 1922 година ВМРО извршува неуспешен атентат врз одметникот Михајло Каламатија во Штип. Србите го оперирале Каламатија во Белград при што тој ја предал информацијата за мрежата на организацијата во Штип.
На 30 декември 1924 година во Штип бил убиен Стојан Мишев бивш соработник на Тодор Александров кој преминал во служба на српските власти. Извршителот на атентатот бил Кирил Глигоров Келешов од Штип. За овој акт е осуден на смрт со стрелање.
На 05 октомври 1927 година во Штип бил убиен српскиот бригаден генерал Михајло Ковачевич. Атентатот го извршиле атентаторите на ВМРО – Благој Кралев, Илија Лилинков и Ипокрит Развигоров. Атентатот е извршен по наредба на ВМРО, а по него Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, во чии состав била и денешна Република Македонија, ја затворило границата кон Бугарија со закана за војна.
На 10 Јули 1929 година атентаторскта група на ВМРО на чело со Крум Панов го кренала во воздух хотелот „Шумадија” во Штип при што биле убиени или ранети десет претставници на српската власт. На 14 Јули 1929 година, вечерта атентатори на ВМРО фрлиле неколку бомби низ градските улици, а се обиделе и да убијат неколку српски колонисти.
Овде се родени Јордан Цицонков, Војводата Славејко Арсов, Јордан Ѓурков, резервен член на Централниот Комитет на ВМРО, Лазар Тодоров – Фертика - комита и војвода во Тиквешко, Тодор Лазаров – член на задграничното претставништво на ВМРО, Димитар Мирасчиев, учител и војвода, Панчо Михајлов – Чавдар, кочански војвода, Никола Наумов кој едно време бил во четата на Делчев, Пане Прошев, еден од првите војводи заколнат во ВМРО од Делчев, војводата Мише Развигоров, Страхил Развигоров – член на Централниот Комитет на ВМРО, Мите Хаџимишев, Христо Чемков – Претседател на битолскиот револционерен комитет, Ефрем Чучков, член на Центалниот Комитет на ВМРО и плејада славни предводници на ВМРО од различни крила и идеологии на организацијата кои иако различно го толкувале начинот, сите се стремеле кон единствениот идеал – СЛОБОДА за Македонија и Македонците.
И по Втората светска војна Штипјани се општествено активни и на двете страни: и во врвта на власта и во првите редови на опозицијата. Дури и првата влада која во бурните деведесетти го изведе осамостојувањето, поради составот на членовите на шега ја нарекуваа „Штипска”. Првиот претседател Глигоров и првиот премиер Кљусев, министрите во првата влада Јордан Мијалков, Ѓорѓи Наумов…
Како и да го свртиш - изгледа бунтовноста, пожртвуваноста и желбата за слобода е нешто што Штипјани го пијат од мајчиното млеко.
За време на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците од вкупно 17.000 жандарми колку што броеле полициските сили на кралството дури 12.000 биле стационирани токму во овој немирен регион.
Штип има дадено и многу познати писатели, уметници, историчари, инженери, спортисти, научници, професори, адвокати, лекари, како легендарниот Панче Караѓозов чие име го носи медицинското средно училиште во Скопје,
Штип денес не е само град на текстилот, со отворањето на слободната економска зона, тој добива и друга димензија. Штип е и универзитетски град, а Универзитетот го носи токму името на Гоце Делчев, и благодарение на универзитет градот е преполн со млади луѓе и живост низ улиците и кафулињата.
Ех оваа моја чудесна земја!