Пролетта во мојата земја е посебно убава, а и вкусна. Мојот пријател од Битола ми вели: "Ај дојди ми на ручек" . Постарите битолчани знаат дека ова е времето (мај и јуни) кога се подготвува и се јаде орман-ќебап. Па може ли да ѝ се одолее на поканата?!
И тргнав за Битола. Со воз.
Кој патува со воз денес? Многумина. Особено откако цената на бензинот вртоглаво расте, разликата меѓу автобускиот и железничкиот билет е повеќе од двојна. Е сега, вистина е дека со воз патувате подолго, но имате можност да комуницирате со повеќе луѓе и така за час времето ќе мине.
Одамна не бев патувала со воз. Едноставно, сè се игнорира и погледот се врти кон прозорецот, кон видикот што се отвора пред вас, пред онаа шир што никако не можете да ја забележите додека патувате со автомобил или со автобус. Да, возот ја имаа таа магија да ве "носи" и да се чувствувате како мал центар на нештата додека минувате по шините од чиј звук можете да збудалите или да задремете.
Ви се верува ли дека од Скопје до Битола има 14 станици и 15 стојалишта. Со просечна брзина од 60 км на час, безмалку за четири часа се минува растојание од 232 километра. Во просек, на секои 8 км едно – стоп. Но откако ќе се навикнете на постојаното тргнување и застанување, го отворате прозорецот и се обидувате да го "допрете" Вардар. Што зборувам? Да, бидејќи во оној дел од Скопје до Велес, каде што шините се слеваат со реката, играта се претвора во вистинска мистерија. Водата во својот тек ви доаѓа ту од левата ту од десната страна. Минувајќи низ тунелите, се обидувате да погодите како "змијата" сега ќе се изврти.
Тој прв час од патот ги склучувате и првите познанства и задолжително дознавате дека некој од сопатниците познава некој ваш пријател, роднина или комшија. И некако си правам ваква математика: доколку пријателите на моите пријатели се и мои пријатели, на ова парче земја речиси секој е нечиј пријател. "Тоа е она што го сакам тука и затоа се вратив во земјава. Не издржав во Холандија, не сакав да работам што и да е, а и сакав да сум тука", ми вели еден млад човек.
Во меѓувреме, ќе го чуете и муабетот од соседното купе, а и она пред него, и приказните сами се редат. За подгреаната сарма, за напорната работа, за болната мајка, но и за точната претпоставка на една бабичка, која вели: "Ако во Папрадиште се чуе возот, сигурно е дека набрзо ќе врне на Солунска Глава". Различни, испреплетени приказни слеани во еден звук, приказни што патуваат од еден до друг град, од едно до друго уво, приказни без име бидејќи тоа и не е важно. Кога возот ќе запре, ќе си речете - пријатно! Некоја нова средба е можна, но и на неа повторно ќе се запознавате.
Од Велес кон Богомила - дива Македонија. Да, да, има тука едно делче (од човекот недопрено) што не може да го видите, освен ако патувате со воз. Има такви "сообраќајни трикчиња" што јас да ви ги опишам е невозможно. Зошто? Бидејќи, како да ви ги опишам цвеќињата во боја на виножито или, пак, природните икебани што ве оставаат без здив. Како да ви го доловам тој рај а да не згрешам во некој збор?
Одеднаш ја здогледувам Солунска Глава. Доколку сте на четири тркала, ја немате таа можност. Ја гледаме низ прозорецот, обидувајќи се да го овековечиме мигот и само што помисливме, суперпозиција, некое дрво ви влетува во кадар. Ни не обидувајте се да ја пресметате брзината на движење и растојанието до следното дрво или грмушка. За час кадарот минал, а Солунска Глава се скрила.
Оттука веќе ја сечеме Пелагонија. Буи од билки... билки покрај шините... билки по ливадите, испеглан тепих од пролетно цвеќе. Тука-таму ветрот ќе ја допре таа нестварна жива слика. Којзнае зошто тоа неделно утро бев толку фасцинирана од црвените булки. Можеби ме вратија во детството и оној училиштен расказ.
Во Прилеп, голем дел од сопатниците се симнаа. Кондуктерот ми вели: „Да, обично е така. Ќе видите на враќање, еден куп ќе се качат во Прилеп, нема да има место ниту да се помине“. Така и беше.
На враќање, вриеше како под вршник. Малку вагони, „милион“ патници стиснати еден до друг. Дишеме на „жебри“.
Кој денес патува со воз?
Многумина.
И, да не заборавам... вкусив орман-ќебап. Богато јадење направено од свинско, телешко и јагнешко месо. Месото се сечка и секое посебно се пржи на скара. Откако ќе се испржи, се спојуваат и заедно се пропржуваат уште 3-4 минути. Потоа се додава сечкана црвена пиперка, се зачинува и се додава матено јајце. Добро се замесува и се додава магдонос. Потоа се полнат јагнешки кошулки.
Добро е да се искористи голема црпалка, за да може добро да се обликуваат. Потоа ќебапот се реди во земјено тавче и се става во рерна да се потпече. Доволни се 5 минути на температура 200-250 Целзиусови степени.
Се декорира со павлака и со гранче магдонос.
Се обидов да дознаам барем нешто за потеклото на името. Од многуте објаснувања од битолчани, најприближно ми се виде она: „Ќебапот е голем колку орман“.
Ех, оваа моја чудесна земја!