Месноста Трескавец се наоѓа под врвот на планината Бабуна, на надморска височина од 1.270 метри, со голема прегледност над околината. Обрабен е со вертикални карпи и со гранитни грамади од север и запад; од југ е пристапен преку тесно седло, а од исток го наткрилува карпата Златоврв (1.422 м). За време на непогоди, громовите многу често удираат во овој врв, па оттука доаѓа и името (Трескавец). На врвот на Трескавец постоело светилиште уште во античко време, од римската епоха (втори и трети век), посветено на Аполон (Громобиец) и Артемида. Тука е споменато и името на светилиштето – Колобаиса. Местото било опслужувано од посветени луѓе и прислужници. Верници-аџии ја посетувале Колобаиса од далеку.
Споменот на старото светилиште горе на врвот, обвиткано со мистика и грмежи, живеел и во средновековието. Оттука се гледа целата Пелагонија, планините Бабуна, Пелистер, Кајмакчалан, а навечер градовите Битола, Прилеп и Крушево. Се смета дека манастирот „Трескавец Света Богородица“ е подигнат во 13 век како сложен комплекс од разни градби и доградби. По сè изгледа, бил урнат и запустел во 15 век, па бил обновуван.
Старите раскажуваат дека некогаш таму живееле дури триста калуѓери. И прочуен бил од Бело Море до Црно. Легендата вели дека во старо време некоја царица сакала да се исповеда и да се причести, но никаде не можела да најде свето лице. Слушнала за манастирот „Света Богородица“ од Прилеп и пошла на манастир со многу војска. Кога ја виделе калуѓерите се уплашиле и цврсто ги затвориле портите. Со арно молела царицата, но не отворале. Кога го видела инаетот калуѓерски се налутила и наредила сите калуѓери да се заколат како јагниња. Од крвта калуѓерска оживеал еден ѕвер и го запоседнал манастирот. Многу години поминале и никој не можел да му се приближи на манастирот. На ден Богородица, од ведро небо удрила ровја над црквата. Се насобрале луѓе и го нашле ѕверот како лежи мртов на коските од калуѓерите. Тогаш го отвориле манастирот и до ден-денес e така. Манастирот „Трескавец“ има султански ферман со раката од пророкот Мухамед за ослободување од данок и забрана ниеден Турчин да не смее да го гиба манастирот и да се однесува кон него со почит и чест.
Поседува вредни уметнички предмети како двокрилна врата со плитка резба од 16 век, врвен дострел на македонското средновековно резбарство и припаѓа на познатата Слепчанска резбарска школа. Од 16 век се и царските двери, голем иконостасен крст – космитос од 17 век, работен во резба, и певница работена во инкрустација. (Техника при која, во длабнатините, резбите во дрвото се нанесува пастозна боја што се суши и се мазни.)
Традиција на виното.
Во античкиот период, лозарството било едно од главните занимања на жителите во прилепскиот крај поради благата клима и сонцето. За тоа сведочат пронајдените корита од овој крај, издлабени во карпа, што служеле за цедење на гроздов сок. Системот се состоел од две правоаголни корита, едното било поголемо и на повисоко ниво, каде што се гмечи грозјето. Второто е помало и на пониско ниво, каде што се собирал исцедениот сок, меѓусебно поврзани со канални премини. Виното е една од четирите течности што служеле при жртвување, заедно со млекото, крвта и водата, и му била припишувана магиска моќ.
Во несигурните времиња во доцниот 14 век манастирскиот укрепен простор на Трескавец несомнено служел како збег за околното население. Во тоа време манастирот имал голем метох, со бројни села и имоти во Пелагонија и подалеку, што му биле подарени. Тука стоеле и амбари, магацини, визби и други економски потреби на големиот манастирски имот. Најдарежлив ктитор на манастирот бил кралот, подоцна и цар, Стефан Душан (1331-1355), потврдено со неговиот портрет на надворешната припрата на црквата.
Кон крајот на 16 век во манастирот се одвивала препишувачка дејност, познато е името на препишувачот Јоаникиј. Во 18 и 19 век во манастирот постоело и училиште.
Во 19 век околу манастирската црква се подигнати конаци од приходите на прилепските занаетчии-еснафи, како и трпезарија со фрески од 17 и 19 век.
Ех, оваа моја чудесна земја!