ТРЕСОНЧЕ
Мала Река, како лева притока на реката Радика, извира во близина на селото Тресонче, па затоа и крајот се вика малорекански. Тука се селата: Тресонче, Лазарополе, Галичник, Гари, Осој, Росоки, Селце и Сушица, познати како типично чисти мијачки населби.
Се смета дека Тресонче е најстаро мијачко, а со тоа и малореканско село. Се наоѓа распослано во подрачјето на Брзовец, разгранок на Бистра, надалеку познат како резерват и идеално место за диви кози. Велат дека во секое време на годината на овие карпести предели можат да се избројат над 350 вакви убави животинки.
Се наоѓа на 1.050 метри надморска височина, а било распоредено во 14 маала. Името означува место што се тресе, калливо место, односно река во која водата треска, скока, планинска брза река.
По предание, се смета дека селото Тресонче е мало старо село, но зголемено со новодојдени Македонци од албанско потекло од околината на Љума и зборовите „тре санче“ (три светци) укажуваат на некаква врска со Албанија. Стариот назив на Љума бил Река и денес на албански љума значи река. Ова име во словенска форма го пренеле Мијаците од Љума во Река, а Албанците го сочувале на свој јазик како Љума.
За Тресонче се прераскажува уште едно предание. Тоа се случило во некое дамнешно време, кога, како што велат тресончани, „им дошло преку нос“. Па, се собрале , се организирале и решиле еднаш-засекогаш да им стават крај на зулумите, убиствата, грабежите и палежите. Добро вооружени тргнале во места од каде што доаѓале зулумќарите, во месноста Љума, област во Албанија од каде што се појавувале поединци или организирани банди. Во таков еден поход тресончани извршиле невидена одмазда за што долго се раскажувало, преживеаните дечињата ги заспивале со песната „љуљми – нанми да не доет луѓево што коските ни ги стресоа“. Така се претпоставува дека Тресонче потекнува од зборот треска, т.е. од стравот што го внеле кај зулумќарите и кој до ден-денес останал да се раскажува.
Тресонче било дервенџиско село. Дервенџиите биле задолжени за набљудување на патот од Дебар за Маврови Анови, за што имале одредено даночно ослободување со султански ферман. Имале задача да им сигнализираат на караваните кога на патот има арамии и кога е чисто. За точната информација се гарантирало со глава.
Од Тресонче потекнале над 30 зографски тајфи и над стотина поединци – зографи, резбари и градители. Не случајно го викале и Назарет. За Мијаците се вели „не газат на гнила шчица“, додека не изучат нешто како што треба не тргаат подалеку од својот дом.
Дичо Димитрие Крстевич е еден од најголемите македонски зографи роден во Тресонче. Овој познат мијачки зограф изработил повеќе од 2.500 икони (колку што се досега регистрирани), во Македонија, Србија и Бугарија. Дел од своето творештво оставил и во селската црква „Свети Петар и Павле“, каде што е и погребан. Кога Дичо се разболел, веројатно од пневмонија, додека го испраќал попот да си оди, ја замолил жена му да му направи чај и да му капне малку ракија. Бидејќи во исти чоканчиња ги чувал ракијата и отровот што му служел за растопување злато за иконите, жена му му турила од погрешното чоканче, мислејќи дека е ракија. Така во маки го завршил својот живот со отровот со кој ги направил најубавите икони со неизбежната употреба на златото.
Пештера Алилица
На четири километри источно од селото, во долината на Тресонечка Река, се наоѓа најубавиот пештерски систем Алилица. Составен е од Долна и Горна Алилица, поврзани со вертикален канал, и тука се наоѓаат единствените пештерски украси „висирози“. Горна Алилица е сува пештера, каде што се откриени траги од пештерска мечка, а за долната е карактеристично воден тек, водопад и две мали езера. Над овој пештерски систем се изворите на тресонечка река, каде што се наоѓаат 12 водопади, малку се познати само од причина што се недостапни.
По патот до с. Тресонче на Мала Река има еден мост што го викаат Елен Скок. Марко Цепенков го спомнува во своите „Преданија”:
Еден арнаутин во старо време одел секој ден во планината на лов и секој ден го наоѓал еден елен, арно ама му идело жал да го убиет еленот. Кога му кажал на пријателите му рекле будала бил што не го тепал. Арнаутинот чул и пошол в планина да го убиет. Еленот видел зорт и трештил да бега, за пакост го виделе и седуммина селани могорчани кои сакале да го фатат или убијат. Дошол во тесно еленот и прескочил реката и кај што паднал отаде река си скршил сите четири нозе и се расплакал и проколнал : „Ов, да би аир не виделе, бре селани могорчани, што ме убивте, седумдесет куќи сте во селото да би на седум останале!”
Кога чуле селаните, решиле да напраат еден мост за да не ги фати клетвата и името му го кладоа Елен Скок.
Ех, оваа моја чудесна земја!