Последната македонска реликвија

Поминувам низ Маврово, сместено под пазувите на Бистра. Ова е место ве пленува и во зима, и во лето, поради чудесната хармонија меѓу Мавровско езеро и околните планини.

Кога езеро e формирано во 1953 година, старата црква Свети Никола Летни се обликува како атракција со две лица – на есен, нејзиниот врв се издигнува над водата, а во лето, таа стражари покрај брегот. Затоа пак новата црква Свети Никола, е поставена на мал срт во близина на старата.

Галичник е мојата крајна цел, скриен во срцето на мијачкиот предел, никогаш потклекнат од туѓи сили, познат по својата автентична архитектура и богато културно наследство.

Решив да го запознаам овој чудесен предел на еден поинаков начин.

На патот кон селото, се наоѓа ергела која ја води Васко. Храбро, способно момче кое решило да го замени врелиот скопски асфалт со недопрената природа на Галичник. По татко Галичанец, тој започнува да го крои локалниот туризам со една несекојдневна понуда – да се помине Бистра на коњ!

Сакав да се вратам стотина години низ времето и да доживеам вакво искуство.

Три куршуми од пушка, знак дека свадбата може да почне. И тука, на Упија, како и долги децении наназад... започнуваат да вијат топани и зурли, а стројни млади се фаќаат за рамења со бавен чекор, а тапанџиите го следат секое нивно движење – ТЕШКОТО.



Се залула оро! Се заврте земја, и чиниш - се корне стресениот век, и околу трпнат ридиштата темни и враќаат ек.

Над него карпи, под него бездна. Другите две страни на Галичник се обиколени со густа шума. Одминувајќи го малиот извор на ледена вода што извира под селото, на неколку километри поминати по шумски врвици, наидовме на црквичката света Петка. Мојот млад придружник ми објасни дека таа е изградена од чукундедо му Ристе Чоланче.

Прекрасниот ден не водеше низ планината Бистра со нејзините пространи пасишта... го одминуваме понорот Тони Вода, карсно поле, каде водата на лето пресушува. Во негова близина се традиционалните бачила со најквалитетно сирење и кашкавал и студена планинска вода. Патот не поведе кон едно бачило, каде го запознавме пријателски расположениот овчар Шабан, кој не нагости со домашно печен леб, сирење и кисело млеко.

Над нас се издигнува Меденица – молчелива, моќна. Стада коњи слободно пасат низ овие пространства и не ни фрлаат поглед кон ретките намерници...
И во квечерината, кога е спремен логорскиот оган сред недопрениот океан на спокој, го слушам шепотот на ветерот... како ги повторува зборовите на Петре Андреевски...

...Ако Македонија е библиска земја, тогаш Галичник е нејзината последна реликвија.

Ех, оваа моја чудесна земја!