Одамна е речено: Колку денови во годината, толку цркви во Охрид. Може ли во еден миг да се раскажат?
Ниту во брзозборка, затоа ве водиме кон неколку за кои дури не знаете и дека постојат... некои 180 километри од Скопје.
Верувам дека ви е познато како да стигнете до Охрид. Скопје-Тетово-Гостивар и тоа по автопат, а потоа Кичево, Стража - задолжителен појадок од мекици и јогурт, па понатаму преку Извор и вчас сте во Охрид. Потребни ви се два и пол до три часа возење.
И стигнавме во Охрид... но возиме накај Битола и веднаш кај раскрсницата вртиме кон селото Лескоец. Тука ја бараме Снеже. Од „голем пат“ се огладнува, а Снеже за појадок ќе ви подготви ѓомлезе. Некои го викаат ѓомлезе, некои тури-потпечи, од турско останало кашалник, разни имиња за едно исто, едноставно прекрасно, јадење.
Така, најадени продолжувате понатаму, не е далеку од Лескоец, десетина километри. Но очигледно е дека патем ќе се соочите со проклетијата на изумирање на македонските села. Во пазувите на планината Петрино, како во гнездо скриено, тагуваат куќите од селото Скребатно. Под венците на Самарница, понекое магаре, кокошка и еден бел коњ. Таговно за ретките чекори. А не било секогаш така.
Првите податоци за Скребатно се наоѓаат во пописот на Охридскиот санџак од 1582 година. Таму името е запишано како Скребатина со 18 семејства и 119 жители, од кои шест самци. Во 1953 година селото било најголемо, имало 78 куќи, 655 жители четиригодишно училиште, црква и манастир. Со пописот од 2002 година, во селото живеат шест домаќинства со 12 жители. Денес, чад од само еден оџак.
А што значи Скребатно? Скреба или бела лоза, слично е на повитот, само со помали димензии. Расте до пет метри, но не се качува на дрвјата, туку густо ги покрива околните грмушки. Старите велат дека од скреба се варело чај за смирување на организмот.
Но нашиот пат за денеска е малку „повисоко“... 800 метри подалеку... до црквата „Св. Богородица“, црква што според својата градба, архитектура и остатокот од фрески во олтарната апсида, потекнува од 16. век, од времето на монахот Кипријан, зограф од Слепченскиот манастир.
Легендата раскажува дека селаните на почетокот сакале црквата да ја изградат поблиску до селото. Три пати почнувале, но ѕиданото некој навечер го уривал, а алатите на мајсторите ги префрлал повисоко на местото каде што денес се наоѓа црквата. Тогаш некој се сетил и рекол дека треба да се исполни желбата на Богородица и црквата посветена нејзе да се изгради пред „прекрасните ливади, меѓу столетните дабја, во близина на бистра и студена вода“.
Со векови црквата „Св. Богородица“ претставува посебен аманет за сите селани што живееле или потекнуваат од Скребатно. Автомобилот се остава пред портите. Дотука се вози. Пред портата, охридската калдрма, онаа вадената од чаршијата, откај чинарот. За арно дадена да се вгради пред влезот на „Св. Богородица“.
Понатаму пеш, низ ливадите, шумите, угоре кон средениот терен за фудбал, тениското игралиште и теренот за кошарка. Со поглед ја опфаќате Самарница и ја слушате Скребатска Река. Се полни од Анџаков Извор, местото Извори и уште многу планински води. Минува низ песок и камења, покрај дебели ореви и преку Коселеска Река се влева во Охридското Езеро.
Чешмата со осум дулци е зад црквата. Една од најубавите чешми што лично ја имам видено по македонските светилишта. А има и пастрмка. Тука, во еден мал рибник, се чува охридската пастрмка, колку да не заборавиме како изгледа.
Одбележувањето на големите христијански празници и воопшто празнувањето на овие простори е вековна традиција. Главен празник е 28 август, денот кога се слави Голема Богородица. Тогаш доаѓаат сите. И месното население и печалбарите и туристите. На овој ден лани црквата поделила ручек за 10.000 гости. Биле заклани 77 курбани.
Церемонијата почнува со изнесувањето на барјакот од црквата. Накитен со шамии, јаболка, цвеќе и босилек, со барјакот црквата се обиколува три пати. Свештено лице го благословува народот, а поворката извикува: „Крсти носам, Бога молам, Господи помилуј!“ Потоа се запира пред портите и почнува лицитацијата.
Има уште една интересна приказна поврзана за овој ден. Според православните обичаи, на Голема Богородица се пости, но тука пак се мрси. Причината е поврзана со едно предание што раскажува за сточар кој со стадото бил зафатен во големо невреме. Стравувајќи за животот и за добитокот, сточарот се свртел кон црквата, ù се помолил на Богородица и ветил, ако жив излезе, дека на овој ден секоја година ќе дарува три курбани. И навистина, според преданието, небото се расчистило, невремето стивнало, а сточарот со стадото се спасил. И оттогаш, секоја година дарувал три курбани. Впрочем, така се создала и втората атракција, организирањето заеднички ручек-ордија. Гостите се поседнати на лединката до црквата. Сите со земјени паници и дрвени лажици. А млади луѓе послужуваат. Првин со манастирска ракија, а потоа и со ручек, гулаш од јагнешко месо.
Ако решите да дојдете на излет, тука сè ви е подготвено. „Од народот - за народот“. За неверување, но функционира.
П.С. Заборавете го мобилниот телефон. Нема сигнал. Убавина, зар не?
Ех, оваа моја чудесна земја.