Кога за првпат ќе дојдете овде, ќе останете зачудени од зеленилото на градот. Густите дрва, зелените тревници, парковите во кои секоја пролет нова реколта на бебиња го почнува своето „скопјанување“.
Шумовитото Водно доминира над градот. Кој може да ги заборави љубичиците во Карпош, јапонските цреши на улица „Максим Горки“. Сепак, Скопје уште од времето е најпознато по мирисот на липите и сенките на костените. Тие се аромата што се врежува во меморијата на сите ваши сетила. Онa жарче во душата што се разгорува кога ќе се сетите на Скопје.
„Рано утро шкембе-чорба после секој своја борба...“ Ах, чорба!
Уште славниот Прокопиј, хроничар на царот Јустинијан, во својот познат опис на Јустинијана Прима зборува за скопските гостилници... Оваа традиција скопјани со задоволство ја негуваат до ден-денес... Чкембе, телешка, пилешка, па дури и рибја... На сите нека им е на здравје!
Во Дебар Маало се одиграл првиот фудбалски меч, отворена е првата летна кафеана, направен е првиот уреден парк, првиот стадион, првиот Природонаучен музеј и Зоолошката градина, првите куќи во модерен и граѓански дух...
И до ден-денес го задржа приматот на центарот на случувањата во градот. И додека макате во макалото од ореви и „отров“ лути пиперки и пиете „жолта“, чувствувате дека патувате низ 2000-годишната кулинарска историја на едно место.
Некогаш јагне, бамји и татлии. Денес – десетка со кромид или бифтек во пепер сос, салата рикола со пармезан и чоколадно суфле со сладолед. Такво е Скопје – сè е измешано во едно.
Камениот мост
Неговото настанување се поврзува со Јустинијан Први и со неговото време. Но, најверојатно, ваков каков што е – го изградил Мурат Втори во петнаесеттиот век. Бил сведок на горката политичка историја низ која поминувал градот. Тука со грозна смрт бил погубен славниот востаник Карпош, а скулптурите на бројните генерации патриоти и културни дејци немо ја раскажуваат бурната историја и жилавата борба на овој народ.
Скопје својот европски дух и шмек почнува да го добива со изградбата на пругата Скопје-Солун во 1873 година.
Се отвораат конзулати. Станува центар каде што е сместен дипломатскиот кор, живеалиште на инженери, професори, интелектуалци, лекари, дипломати. Тие почнуваат да го креираат културниот живот на Скопје. Се излегувало на повеќе места.
Од бавчите на хотелите и рестораните свирела различна музика – од ориентални чочеци преку воена музика до фокстрот џез и румба. Биле организирани приредби, маскенбали, забави, балови, па дури и избори за мис. Посебна атракција бил маскенбалот „Ноќ во Мароко“ во 1930 година. За овој бал под маски салите на Офицерскиот дом ги декорирал големиот сликар Никола Мартиноски.
Кафеаната „Маргер“ била омилено собиралиште на скопските боеми. Меѓу имињата на нејзините редовни посетители и едно светско име – Гркот Зорба.
Имено, главниот лик на познатиот роман на Никос Казанѕакис, кој за нашите соседи е синоним на националната животна филозофија, од дваесеттите години на минатиот век, па сè до 1943 година, кога го напуштил овој свет, живеел во Скопје.
Хроничарите велат бил богат бизнисмен со големо срце. Го сакал животот и убавото друштво, бил голем помагач на сиромашните.
Велат, со своето друштво знаел во рани зори да ја затвори легендарната кафеана „Маргер“ на скопскиот плоштад. Судбината ли... или, пак, самиот тој... кој знае – одбрала токму Скопје да биде неговиот вечен дом.
И како што го опишал Евлија Челебија, Скопје во далечната 1660 година е исто како и денес: Тоа е еден убав град каде што сите главни улици се рамни, поплочени со бела калдрма. Има многу учени луѓе и големи господа. Тоа е гнездо на поети и пријатели на сиромашните. (Се сеќавате на Мајка Тереза и сиромашните во Калкута?) Жителите се посебно наклонети кон задоволствата и уживањата. Страста за животот и насладата се голем капитал на нивните вљубени срца...
Скопјани и до ден-денес останаа такви. Кој ќе носи најдобра гардероба, кој ќе вози најдобар автомобил, кој е од која фамилија, кој со кого се знае... кој е кој... И сето тоа низ кафе-муабет.
Оттаму, не е чудно што Скопје со љубов го граделе бројни генерации уметници и архитекти...
Арапска куќа, подигната во 1938 година, во тоа време (а богами и денес) била вистинска сензација.
Старата градска куќа – „Куќата на вулканизерот“, e од деветнаесеттиот век. Денес, таа е отмен ресторан со верно реставриран амбиент и традиционално мени. Ристиќева палата, во 1926 година ја гради аптекарот Владислав Ристиќ, денес е еден од симболите на Скопје. Палатата на Пионерскиот дом „Карпош“ ја градел турски бег – еден од познатите браќа Шабан паша.
Фонтаната Воинот на коњ, Шмизлата, Гемиџиите, Триумфалната порта, Пливачката, Карпош, Филип Втори, војводите и комитите, бројните објекти и паркови ја раскажуваат егзотичната приказна на Скопје – за копнежот за слобода, разурнувањата и издигнувањата, западното сфаќање на реалноста и источната филозофија на животот.
Некогаш, скопјани, од Тасино Чешмиче, со коњски коли, блех-музика и дајриња, оделе на излет на Водно. Денес – со ултрамодерна жичарница.
Скопје е волшебно место – ќе ве воодушеви, ќе ве вознемири и засекогаш ќе ви го зароби срцето.
Ех, оваа моја чудесна земја!