Градот на пари,
кули и мостови...

Од Скопје преку Велес и Пробиштип до Кратово има 140 км. Сигурно е пократко преку Куманово барем за 40-ина километри, но некако тоа утро штрковите „не водеа“. Колку загадочно и смешно да звучи сега, но тоа утро буквално ги следевме гнездата на штрковите. Се вратија. Иако, годинава многу подоцна.

Кога ќе го минете Грофчанскиот мост веќе сте во Кратово. Влегувате некако одеднаш. Од пат буквално кон тесни чаршиски камени сокаци.

„Кратово е најстар град на Балканот.
Тоа го докажуваат големиот број артефакти пронајдени тука. Во околината на Кратово и Кратовско се пронајдени повеќе монети од времето на пајонскиот крал Адалјон (315-285 п.н.е.). Во непосредна близина на селото Шлегово се наоѓа рудник, за кој професор Стеван Симиќ во 1910 година направил систематско истражување за сето она што можело да се види од античкото рударство“, ја започна приказната нашиот домаќин Стевче Доневски, човек кој 25 години собира информации за Кратово и Кратовско.

Мостовите на... Кратово

Според проф. Стеван Симиќ, на почетокот на 20 век Кратово сè уште имало 14 живи моста. Сега, тие што функционираат се: Грофчанскиот мост, Чаршискиот, Јоркширскиот (или свинскиот мост), Аргуличкиот и, секако, Радиниот мост. Грофчанскиот е единствниот мост со два свода со кој се поврзува Ајдучката чаршија со десниот брег на Кратовска Река. Од неговата лева страна е Домот на културата, старо, но обновено здание кое исто така сведочи за неимарската вештина на безимените мајстори.
Во вертикалата на амбисот уочливи големи камени лаци, остатоци од некогашен ан. Мостот му припаѓал на богатото семејството Грофчанци, кои дошле од Мала Азија. Всушност, во подемот на Кратово, според раскажувањето на Стевче Доневски, имало и 38 богати еврејски семејства - Кољо, Симон, Давид..., кои биле определени во своите бизниси. Еден бил трговец со јужно овошје, друг - трговец со кожа, трет - трговец со месо...

Тоа е времето кога од Кратово до Солун се одело
три дена пеш, исто колку и од Кратово до Софија.
Градот тогаш имал силно развиени трговски врски
со Дубровник, како и со другите трговски градови
на Балканот и пошироко.

Радин мост

Мостот на Манцева Река го ѕидале девет браќа.
Дење тие ѕидале, но ноќе мостот се уривал. Некој им потшепнал: за да стои мостот, мора да му се даде жртва вѕидана во него. Се договориле браќата, која снаа утредента ќе им донесе ручек на мајсторите, неа да ја заѕидаат.
Сите браќа ги предупредиле жените да не доаѓаат, освен најмладиот. Утредента Рада го зготвила ручекот и го однела. Кога деверите ја фрлиле в темел да ја заѕидаат, таа вреснала: ,,Остајте десната ми града, да си надојам машкото дете“.

Кратовските кули

Кулите се особената гордост на овој град. Градени се во средновековието и некогаш биле 13. Денес, во некоја „попристојна“ состојба само шест: Симиќева, Саат-кула, Златкова, Крстева, Емин-бегова и Хаџи-Костева кула.

Најубава е Симиќева, Крстовата била најбогата, а најстара еЗлатковата кула. Саат-кулата е претворена во изложбена постановка. Кулите некогаш биле во сопственост на закупците на рудниците. Тие тука живееле, заедно со семејствата, но и со работниците и нивните семејства. Тука живееле и чуварите што ги чувале кулите, всушност парите (ковани од рудата во рудниците), па затоа кулите биле поврзани и со тунели и подземни ходници. Се претпоставува дека ги градел Костадин Дејанов, за да создаде одбранбен бедем од турскиот аскер. Еден од влезовите се наоѓа кај Грофчанскиот мост, додека излезот е на другата страна, кај Радин мост, од каде што лесно можело да се пребегне во густата шума и во планината само за мештаните позната. Кон крајот на Втората светска војна, кога Германците се повлекувале и кога стигнале на ова место (кај Радин мост), еден војник го прашал главниот командант каде се наоѓаат. Тој одговорил: „На крајот од светот“.

Денес, тунелите се расчистени во прва фаза и може да се видат. Во 1956 година Стеван Симиќ во својата статија за Кратово запишал дека во 1936 година градот бил зафатен од големо невреме, проследено со поплава. Голем дел од тунелите тогаш биле поплавени и затрупани. Силните мириси и денес се присутни, особено затоа што тунелите долго се користеле и за фрлање шут.

Сара

Легендата вели дека постоела и т.н. Краличина кула (во непосредна близина на Сарајскиот мост), кула на царицата Елена и царот Костадин Дејановиќ, кои си имале ќерка Сара. Кога Турците ги притиснале, Сара ги фрлила клучевите од кулата и преку подземните тунели избегала со торбите злато. Се раскажува дека Турците не ги нашле парите, но не ја нашле ниту Сара. И ден-денес луѓето сакаат да ја раскажуваат легендата, но и да мечтаат, а можеби и да ги бараат златниците
на Сара.

Интересно е дека на кулите имало и шематизирани прикази (Златкова кула) на мртовечка глава, за разбојникот уште кога ќе ја види да се уплаши.
Кулите всушност биле станбено-одбранбени објекти ѕидани од полуобработен камен. Вулканските топки (кои се баеги тешки) заедно со оловото и боровата смола (најлесно се топат) биле качувани на четвртиот кат за оттаму да бидат испукувани врз евентуалниот непријател. Кратовските кули и ден-денес имаат сопственици. Но, на сите порти катинари. За жал, најголемиот дел од сопствениците чекаат некои подобри времиња.

Пет бора и два костена”

Кратово има илјада и една приказна. Ако сакате да ги слушнете, ниедна нема да ве успие. Лично, највпечатлива за мене беше приказната за петте бора и двата костена. Ви се верува ли дека имаме два бора од 14 век? Живи и здрави, поврзани со своите гранки како едно. Приказната вели дека во 13 век, кога од Шлезија цели семејства се селеле во овие краишта, сакајќи да го означат почетокот на едно постојано и плодно живеење, секое семејство засадило по едно дрво. Пет бора и два костена. Боровите (четири) биле засадени во делот во кој денес се наоѓа градскиот парк. Зачувани се два. Едниот се самозапалил
(во 20-тите години на минатиот век), најверојатно од гром. Старите раскажуваат дека дрвото горело десет дена, колку било големо. Вториот бор е урнат некаде во 1951 година, кога се правел овој дел од патот. Некои велат - намерно, за да не бидат три бора, туку два... едниот машки, а другиот женски. Ни боровите не сакаат „трета страна“. Интересно е што во нив населението ја гледало својата иднина. На некој фигуративен и божествен начин, ги чувале и им се радувале. Го обрежале машкиот бор, од кој тече белото злато - смолата, а на женскиот е направена вдлабнатина со исконски одблесок на оплодување.

Но најубав е погледот кон небото. Боровите, иако се разделени повеќе од десет метри, во своите гранки се преплетени. Ах... таа љубов.

„Св. Јован Опсечен“

Многу ќе загубите доколку сте во Кратово а не „ѕирнете“ во црквата „Св. Јован Опсечен“, обновена во 1836 година. Ја реставрирал познатиот архитект Андреј Дамјанов. Податоците говорат за нејзино неколкупатно уривање и пљачкосување. Народот во Кратово милува да ја именува и како женска црква.
Во неа се влегува со шамија на главата и во беспрекорна понизност. „Сребрените раце“ на Исус Христос, мајка Богородица, апостол Тома и св. Јован, секој верник посакува да ги допре, нешто што вреди
да се погледне. Како некоја светла мисла, за миг да ја одмрзне реалноста. Иконите ги работел Захарие Досев Светогорац. Пред десет години, левата рака (сребрениот дел) од мајка Богородица исчезнала.

Црковниот одбор претпоставува дека неа ја зела некоја жена што немала деца, со надеж дека ќе ги добие.
Иле, Димко, отец Блаже, луѓето од Црковниот одбор сакаат да веруваат дека грижата на совеста ќе ја натера таа жена кога тогаш и да ја врати. Бидејќи никогаш нема да биде мирна.

Луѓе со топли срца

И сосема за крај од овој дел од приказната именувана како Кратискара (римски период), Коритос или Коритон (византиски период) или Кратово (денес). Овој град сè уште има компир со географско потекло. Луѓето сè уште чуваат автохтони семиња на грав и на пипер. Едноставно, не ги сакаат новите сорти семе. Можеби од старите приносот е помал, ама не ги даваат. Ќе ви речат: „400 години моето семејство живеело од ова семе, можам и јас“. Ако го фатите пазарниот ден, сликовито ќе се вратите 100 години назад. Стоката на пазар се носи со коњ или со магаре. Низ тесните чаршиски сокаци буквално вреска минатото. Сè уште по кратовските домови во наследство се остава и понекоја тава или тепсија изработена од најпознатиот кратовски б'к'р (бакар). Ако имате среќа, може да се напиете турско кафе од бакарно ѓезве. А цигарата да ја запалите со габа од бука и кварцен камен.

Кратово има уште приказни... за четирите тетра драхми на Филип најдени во 1954 година, на местото каде што е денешна „Тасева кафеана“, за шлеговците што носат директно потомство од Шлезите и Саксонците, за познатата „дама“ што во 60-тите години на минатиот век со торби злато се преселила во Ќустендил, за... за многу живи нешта случени и запишани во камените блокови на овој град. Град во кој живеат луѓе со топли срца.

Јас оттука ќе ви препорачам задолжително да пробате кцана сол. Таа е дел од свечената трпеза за верскиот празник Велигден, а многу често и за Св. Троица.
Се подготвува напролет, иако јунските билки се највкусни. Кцаната сол е всушност готварска тајна на безмалку секое кратовско семејство. Некој става нешто плус, некој вади нешто од основниот рецепт и добива свој „бренд“. Внатре, еден куп здрави нешта: румуруска (зрнасто растение), везанка пиперка, нане, ноктарец, мајчина душица, морска сол и уште неколку вида зачини, кои нема да ви ги кажат. Само може да ги насетувате.
Искрено, одамна не бев се најал со сол и леб.
Но, со кцаната сол... никако да запрете. Си велите: уште еден залак, па уште еден, па уште еден.

Ех, оваа моја прекрасна земја.