Ризница на неизмерни богатства

Кога би се вратиле книгите што некогаш му припаѓаа на Лесновскиот манастир, селото Лесново може слободно да го нарекуваме Александрија.

ПРОБИШТИП!

Легендата вели дека на ова место некогаш се наоѓал Штип, кој бил пробиен од освојувачки војски. Пробиен Штип или Пробиштип. Според преданието, стариот град бил во месноста Грамади, топоним во денешното село Пробиштип, инаку сè уште неистражен локалитет од кој извираат артефакти и при самото орање на нивите.

Ова рударско место богато со злато, сребро, бакар, олово, цинк и други метали и неметали, од антиката до денес било мета на желби и интереси на сите војски и освојувачи. Доказ за тоа е и бункерот граден од германската војска во текот на Втората светска војна.

Минералошка збирка

Со векови, од Пробиштип и околината се изнесувани неброени богатства. Останаа топоними што сведочат за некогашното богатство: Тарапана (каде што се ковале парите), Џгури (каде што се топела рудата), Шталковица (каде што се вадела рудата), Шлегово (каде што живееле Шлезите) итн. Но останаа приказни, легенди и оваа минералошка збирка што вреди да се види.

Се наоѓаме во месноста Богородица. На пет километри североисточно од Пробиштип и Злетово, од каде што прв пат се здогледува Лесновскиот манастир, кој се наоѓа на 900 метри надморска височина. За да дознаеме нешто повеќе, ве водам на Света Гора.

Според Житието на свети Гаврил Лесновски, напишано според Станислав Граматик во 1330 година, оваа света обител првпат ја подигнал преподобен свети Гаврил Лесновски во 11 век, посветувајќи ја црквата на свети архангел Михаил. Пустиножителот Гаврил повеќе од 30 години молитвено тихувал во околните пештери, кои се создадени од вадење воденичен камен, а некои се природен феномен.

Свети Гаврил е еден од четворицата пустиножители, заедно со свети Јован Рилски, свети Јоаким Осоговски и свети Прохор Пчински, кои се сметаат за зачетници на еремитското монаштво во Македонија кое се развило под влијание на Света Гора и ги зафатило северните делови на Македонија.

1

На овој камен е запишано: „Се создаде овој светол и чесен храм, на великиот војвода на небесните сили архангелот Михаил. Се создаде и се заврши во времето на крал Стефан, со трудот и издатоците на Божјиот слуга, великиот војвода Јован Оливер во 1341 година.“

Овој преубав иконостас, длабока резба во орев, е прво дело на Петре Филиповски-Гарката, изработен по настојување на игуменот Теодосиј. Во 1342 година деспот Оливер, откако од темели ја изградил новата црква и притоа ја дарувал со скапоцени садови и големи икони, со повелба го отстапил манастирот како метох на светогорскиот манастир Хиландар. Пет години подоцна, откако Лесново станува епископски трон на новонастанатата Злетовска епархија, манастирот бил отстапен од светогорскиот манастир, а царот Стефан Душан издал нова повелба со која му ги вратил имотите на Лесновскиот манастир.

Во турско време Мурат-бег дошол со многубројна војска во манастирот со намера да го разурне и да ги погуби монасите. Кога го потпишувал ферманот под оваа иста црница, похулил на Христа и на верата Христова. Веднаш потоа целата десна страна од телото му се парализирала и му се одзел видот, а истото се случило со неговите најблиски. Но откако се покајал и побарал прошка од светителот по молитвите на преподобниот Гаврил Лесновски, Бог му го повратил видот и го исцелил. Тогаш Мурат-бег го оставил манастирот неповреден, му подарил 50 хектари земјиште, а под крстот на централното кубе поставил полумесечина, како знак за заштита на манастирот од османлиите. Лесновската лавра во средниот век имала над 300 монаси, повеќе од 20 скита од кои некои и денес се живи, како „Свети Спиридон“ и „Источен петок – Балаклија“.

Не знам за вас, но мене душата ми се нахрани, па ако сакате да го нахраните и телото, во селото Лесново ќе ви приготват баници со козјо сирење, зелник со праз, лесновска муќеница или масло од бутим.

Ех, оваа моја чудесна земја.