Малкумина од нас знаат дека во нашата земја има дури 150 водопади. Верувам, непознат ви е и податокот дека водопадите се места каде што се празнуваат верските празници. За многумина тука се лекуваат болести, се испраќа зимата... се дочекува пролетта.
На двесте километри од Скопје, во општината Ново Село, Струмичко, скриено во длабока шума, бегајќи од погледот на човекот, започнува приказната за Смоларскиот водопад. Беласица буквално го скрила и откако бевме таму, јасно ми е од кого! Од човекот... бидејќи само тој и единствено тој успеал да се искачи на 650 метри надморска височина, да искачи триста скалила и да мине најмалку илјада чекори, за да го остави своето пластично шише од сок или лимената конзерва од пиво. Да стои како лута рана, што ни бистрата вода не може да ја измие.
Тајниот живот на планината
Општината Ново Село во април 2003 година, со помош на Фондацијата „Институт отворено општество Македонија“, го „отвори“ проектот „Смоларски водопад“. Патеката од камени скали и дрвена ограда започнува веднаш над селото и води сè до водопадот. По патеката „облепена“ со лисја паднати од високите буки, ве мами илузија на некој поинаков простор... на нестварна убавина и бескрајна тишина. Во очекување сте да ја видите и да ја слушнете водата... И само се качувате нагоре... нагоре во тајниот живот на планината.
Смоларскиот водопад е еден од неколкуте водопади (за кои се претпоставува дека ги има) на Беласица. Останатите, планината буквално ги крие во своите пазуви. На самото тромеѓе меѓу Македонија, Бугарија и Грција, оваа планинска убавина е реалност и како приказна сонувана и како пенлива вода што се „симнува“ од карпа висока четириесетина метри.
Поинаква авантура
Пристигнавме на зајдисонце. Планинскиот воздух ми го одзеде здивот, а кондицијата не ми е за пофалба. Но, неизмерно сакав да се вбројам во љубителите на природата што поминале оттука, да си ја исполнам желбата и да го видам водопадот. Додека размислував во бескрајната тишина, чув жубор во мигот, кога ни се отвори погледот на водопадот. И... здогледав карпа низ која се лизга водата и која, во овој период од годината, светка како вечерно небо исполнето со ѕвезди. Чинам и ветрот подзастануваше, за да го почувствуваме предизвикот на една авантура.
Да ја почекаме пролетта
И додека ги гледав ретките туристи, како со фотоапаратот се симнуваат од мостот и се спуштаат до самата вода, почувствував љубомора... бидејќи ниту илјада мои зборови не можат да ви доловат една нивна фотографија... Бидејќи оваа убавина не се опишува, туку се доживува. Затоа ви препорачувам, почекајте ја пролетта... и не пропуштајте да отидете да го видите Смоларскиот водопад. Не ви е потребно ниту многу време, ниту посебна подготовка.
На само неколку километри западно, откако ќе ги поминете селата Мокрино, Мокриево и Борисово, се наоѓа селото Колешино. Колешинскиот водопад е навистина нешто посебно. Атмосферата што ја создава слапот вода кој паѓа преку врвот на една црна карпа ве тера да седнете и да се препуштите на медитација.
Мислите исчезнуваат од вашата свест и запловувате во една „бестежинска состојба“ кога и душата умот се чистат и освежуваат... Шетајќи се низ струмичко поле, низ младите чашки Афион во цвет кои при секој чекор се брануваат како сино зелено море, имав намера да го посетам и Мантово - вештачко езеро десно од магистралниот пат Радовиш-Неготино. Веселите мантовечки рибари веќе го печеа крапот на жар и го ладеа винцето.