Има нешто чудно во овие планини. Привлекуваат како магнет, па кога си заминувате ви останува некоја жал во душата. Можеби приказните на луѓето, можеби нивната отвореност и срдечност се дел од тоа чувство. Бидејќи никаде, навистина никаде немам сретнато вакви луѓе, кои ве канат на гости иако не ве познаваат, кои ви даваат а не бараат ништо за возврат.
Кога доаѓате во Берово, мислите дека сте дошле на крајот на светот! Затоа што не е транзитно, затоа
што е планинско и затоа што изобилува со недопрена убавина. Целата патина на времињата е напластена на ѕидовите од куќите, годишните времиња шепотат низ звуците на јагнињата, жуборењето на Брегалница, говорот на птиците...
Како риби на суво
Пристигнавме попладне. Скопскиот „пекол“ го заменивме со дожд по патот и барем 10 Целзиусови степени пониска температура. Приквечерта дури облеков и јакна.
Наместен од Бога на надморска височина од
900 метри, со поглед кон двата брега на Брегалница, Берово ве заслепува со поинаква боја на зеленило, поинаков шум на гранките и поинаква носталгичност. Движејќи се по главната улица, го следам тој пресек на старото со новото, на старите дуќанчиња, на старите занаети, на берберот, на кујунџијата...
Помладите читатели претпоставувам и не знаат како изгледа еден берберски дуќан, онака целиот излепен
со постери, со еден стол, со мијалник и со луѓе внатре. Дошле не толку за бричењето колку за муабетот.
Стара школа, би се рекло. И така на два чекора,
по или пред вакво дуќанче, блеснува некое ново, со нов занает, поточно со нов вид трговија. Малобројни се зачуваните староградски куќи. Денешната слика на градот главно е концентрирана кон Стоковната куќа и адаптираната камбанарија во Саат-кулата. Модерната архитектура се препознава во новата пошта, банка и суд и вкупно седумте згради што ги има во Берово.
Но, во центарот на сите тие стари и нови калдрми
ќе го чуете чекорот на беровци...
Градот Берово (со околината) има околу
10.000 жители и спаѓа во малите градови, но затоа
има богато револуционерно минато. Дедо Иљо Малешевски, Димитар Беровски и Поп Стојан Беровски.
Зборот Берово, етимолошки, доаѓа од глаголот бере
и би означувало место каде што жителите се „береле“ или „збирале“ на овој простор. Така, градот на едноставен начин го добил своето име. Најголемиот број од жителите (околу 95%) се Македонци,
а останатите се Роми, Турци, Срби и Власи.
Евгенија
Следното утро ме разбуди звукот на камбаната
што доаѓаше од зад ѕидиштата на манастирот
„Св. Архангел“. Бев пред пет години и сега...
а ништо не се сменило. Само бројот на туристи овој пат беше многу поголем. Податоците велат дека Берово е единствен град во Македонија со манастир во центарот на градот. Со богати тавани во резба и со прекрасна полигонална живописна камбанарија.
Манастирот има многу приказни, легенди и аманети. Стои и податокот дека во овој манастир во изминатите 150 години непрекинато се одвивал монашкиот живот, што впрочем и го прави единствен кај нас.
Има интересна легенда поврзана со постоењето
на овој манастир. Во тој период отишла една делегација одовде, од Берово, кај турскиот валиа во Радовиш и го прашале дали ќе им дозволи да изградат тука христијански храм - православен.
И тој, за да не ги одбие тукутака, им поставил неколку услови, мислејќи дека не ќе може да ги исполнат.
Прво: храмот да биде изграден за 40 дена; второ,
да биде под нивото на патот и, трето, ќерката на еден од свештениците што бил во делегацијата да му ја дадат за неговиот харем. За убаво чудо, беровци успеале да ги исполнат овие три услови.
На четириесеттиот ден стигнал карванот со војска испратен од валијата да ја земе најмалата попова ќерка. Таа тргнала со нив накај Солун, но кога карванот дошол до Дојранско Езеро, девојката скокнала од коњот и се фрлила во водата. Војската си помислила дека девојката се удавила, а таа всушност деведесет дена се криела кај некој овчар. Во тоа време се расчул глас дека и валијата некој го убил. Младата ќерка била слободна и се вратила во манастирот, каде што и се замонашила. Историјата ја памети како Евгенија, првата монахиња во „Св. Архангел“, а исто така и основач на сестринството.
Гробот на сестра Евгенија се наоѓа во манастирскиот двор. Тука се и гробовите на сите други монахињи што живееле тука.
Зошто би отишле во Берово?
Поради шумите, поради сирењето, поради компирот, поради луѓето...
Поради СЕБЕ
Ех, беровци и духот на овие луѓе, секогаш сплотени
во една чиста душа. Нивната верба е мирна како капка вода на дланка. Иста како и нивното Беровско Езеро. Во една хармонија со природата, преку која го
доживувате оној исконски контакт со Мајката Природа. Не пропуштајте ја првата можност да
дојдете тука.
Згора на тоа, ако побарате домашен специјалитет
- побарајте качамак со ребра, едно традиционално изворно беровско јадење, кое потекнува најверојатно откако почнала пченката, царевката да се произведува.
Ако тоа не го пробате, не сте ни биле во Берово.
Додека го пишувам овој текст, погледнувам на термометарот во редакцијата, точно 35,4 степени.
Се конектирам на macedonian.wunderground.com, впишувам Берово и добивам: моментална температура: 18 степени, влажност на воздухот: 78%.
Ех, оваа моја чудесна земја.