Се движам низ Ресен, живописен град на падините
од планината Галичица веднаш до Преспанското Езеро, познат по своите јаболкови овоштарници и прекрасните пејзажи, но и по нешто друго.
На територијата на Македонија Mладотурското движење добива најголем подем. Во 1908 година командантот на ресенскиот гарнизон, Нијази-бег,
се одметнал од војската на султанот и воспоставил контрола на цела западна Македонија.
Живо сум заинтересиран да дознаам нешто повеќе
за тоа. А знам како и знам каде...
Ресенскиот сарај, познат како Сарајот на Ахмет Нијази-бег, во Ресен е еден од најрепрезентативните примери на објекти градени во неокласичен стил во Македонија. Историјата вели дека отоманскиот кмет Нијази-бег, еден од водачите на Младотурската револуција, го изградил во почетокот на 1900 година, откако бил воодушевен од францускиот замок на разгледницата што ја добил.
Ова е куќата на Нијази-бег, човекот кој заради своите прогресивни идеи и учеството во Младотурското движење бил испратен во Ресен, што за него требало
да претставува извесна казна. Тоа е човекот што како водач на Младотурското движење ја освојува Битола. Доаѓа во Ресен, го гради овој сарај и вели: „Браќа Македонци, Власи, Роми, сега ќе живееме слободно сите во една држава, во едно демократско општество“. Подоцна, кога насетил дека султанот му ги праќа асесините, бега заедно со златото во Драч, каде што
во 1912 година е убиен од истите атентатори.
Има мислење и дека сарајот е граден по Младотурска револуција до 1912 година, кога започнале
Балканските војни, а сарајот не бил комплетно завршен. Довршувањето и интервенции во оваа зграда (внатрешно) се изведувани со менувањето на властите.
Инаку, сарајот по своите архитектонски и естетски вредности им парира на градбите од неокласицизмот
од почетокот на 20 век. Фасцинантниот објект е висок 25 метри, со површина од 4.800 квадратни метри внатрешен простор.
Денес зградата на сарајот е Дом на културата „Драги Тозија“ и претставува споменик на културата. Тука се сместени постојаната поставка на дела на македонската сликарка Кераца Висулчева и галеријата на дела од Ресенската керамичка колонија, една од светските професионални керамички колонии. Истата е основана во 1973 година од двајца познати уметнички професори кои сакале да ја популаризираат вековната македонска традиција на грнчарство.
Секој август во изминатите 36 години Ресенската керамичка колонија кани десетина уметници на единствено тринеделно дружење.
Тие обично создаваат три до пет керамички парчиња, кои стануваат траен дел од уметничката колекција на Колонијата.
Авторите на Ресенската керамичка колонија од
целиот свет до сега создадоа над 1.000 дела, 400
од нив се овде во овој прекрасен дворец, кој и самиот претставува културно-историско богатство. Од илјадници керамички колонии од целиот свет, само
9 се под заштита на УНЕСКО, а Ресенската е една
од нив.
Инаку, Ресенската колонија е уникатна по тоа што
„е единствената колонија на Балканот со своја сопствена изложба“. Уметниците во студијата во Отешево добиваат глина, разни глазури, точила и модерни печки, во кои температурата може да
достигне и до 1.000 Целзиусови степени.
Туристите што доаѓаат во Македонија, посебно во блискиот Охрид, може да отпатуваат до Ресен преку живописната планина Галичица за уметничка инфузија.
Ако не може да го остварите ова патување, ресенската грнчарија може да се види и на патувачките изложби
во Германија, Италија, Турција, Јужна Кореја, Хрватска, Србија, Бугарија...
А само на неколку милји од Ресен се наоѓа Отешево
- туристичка населба на Преспанското Езеро - каде
што се наоѓаат студијата на Колонијата. Немојте да се изненадите од уличниот знак со стилизиран пеликан, неофицијален симбол на Колонијата; пеликаните во Македонија ги има само на Преспанското Езеро.
И додека сте во Отешево, обидете се да пливате и да се сончате крај езерото, што е сосема поинакво чувство од она на вообичаените морски плажи. Вкусната храна во ресторанот „Рибарско село“ задолжително мора да се проба.
Ех, оваа моја чудесна земја!