Вевчанските слободни ѕидари
Секогаш кога ќе се спомне местово, прва асоцијација ми е сложна заедница каде луѓето не се срамат отворено да ја кажат вистината. Втора асоцијација – печалбари расејани низ целиот Балкан, јужна и северна Америка. 
 
 
Секоја година снимките од познатиот карневал само ми го потврдуваат впечатоков. Политичка сатира и критика на општеството? Им нема рамни на Вевчанци.
 
 
 
Во близината на Вевчани се наоѓаат едни од најпознатите и најпосетени извори во Македонија.  За вевчанци, изворите се нешто за што вреди да се гине. 
 
 
Со ним својствената иронија прогласија „Независна Репубика Вевчани”, со грб, знаме, пасоши, Централна банка и – пари. Валутата е крстена по заштитникот на селото Св. Спас кој селаните уште го нарекуваат Личник (убав). Банкнотите на Личникот денес можете да ги купите како – сувенир во апоени од 1, 2, 5, 10, 50, 100, 500 и 1000 Личник.
 
Банкнотата од 5 Личника го носи ликот на Михајло Пупин. Се чудите зошто? 
 
 
Заради тоа што овој научник и пронаоѓач, Долгогодишен професор на Колумбија универзитетот, претседател на Американскиот институт на радиоинженерите и претседател на АИЕЕ (Американски Институт на електроинженери), прв човек на Американсаката асоцијација за унапредување на науката и на Њујоршката академија на науки, како и член на Француската и на Српската академија на науки, потекнува од Вевчани.
 
 
Дури и еден кратер на Месечината е именуван во негова чест. Семејната куќа, наречена „Куќата на Пупа” содржи мала музејска поставка, а на приземјето се наоѓа и гостилница со Вевчански специјалитети.
 
 
 
За луѓето што не се од Вевчани, а некогаш дошле да ги видат, убавината на изворите е магнет кој повикува назад, да се напијете од бистрата вода, да се изнадишете свеж воздух и да се најдете себеси во бучавата на студената вода. 
 

Еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Се смета дека таа манифестација е стара повеќе од 1.400 години и е интересен спој меѓу паганското и современото. Вo суштина е обичај под маска, кој се нарекува „Свети Васиља“.

Се празнува секој 13 и 14 јануари во чест на Св. Василиј Велики.
На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Наспроти маските на зетот и невестата, на музичарите, на Глупи август и на ѓаволите, другите учесници се појавуваат под сопствени креации од маски. Токму тоа го чини карневалот секогаш актуелен, масовен и привлечен за јавноста.
 
 
Тука се критикуваат и исмеваат политиката, човечката суета, гордост, и може слободно да се каже - Вевчанци се вистински Мијаци - „без влакно на јазикот„.
 
,, Сурва година, со женcки јагниња, машки дечиња, женски телиња...... Ураааааа!!! ,,. 
 
Мијачките корени ги направиле Вевчанци вредни и вешти градители. Овие луѓе низ вековите го имаат изградено безмалку целиот Балкански полуостров, особено познати по каменоресците и вештината на обработувањето на камен. Шетајќи низ селото, забележуваме една навистина импозантна градба.
 
 
Чија е оваа куќа - прашуваме.
На Китановци! - ни одговараат со доза на гордост.
 
Браќата Косто, Митре и Андре Китаноски кои инаку биле угостители во Солун, а подоцна и во Галац, Романија, ја довршиле со градба 1906 година. Плацот бил купен 1898, а материјалите биле носени од секаде (само да бидат квалитетни). Мајсторите биле одбирани според тоа „како ќе се покажат” во пробниот период. Вградените тули велат биле донесени од Белгија, а оковот за вратите донесен од Солун.
 
Вода од изворите била носена преку систем од керамички цевки директно до чешмата во дворот што претставувало неверојатен луксуз во време кога во домовите патосот бил од изгазена земја.
 
 
 
Секој спрат бил изолиран еден од друг со врати што се затворале хоризонтално. Над јазот покрај плевната имало мала кула каде во немирните времиња бил ангажиран чувар - сејмен, кому му било забрането влегување во дворот и во самата куќа.
 
Во оваа куќа за прв пат во охридскиот регион бил поставен патос, од ореови штици дебели четири сантиметри и на секој спрат имала купатило. Куќата била обиколена двор со 3м. висок ѕид, а од вториот спрат имало излез кој продолжувал во мовче преку кое се излегувало од куќата во бавчата. Куќата на Китановци имала излез од три страни, а капаците на прозорите биле така изработени што ноќе не можела однадвор да се види никаква светлина ниту да се знае дали некого има внатре или не.
Поради оваа предност, во текот на НОБ од 1942 па се до ослободувањето во неа престојувале истакнати борци, лекувале партизани, одржувале состаноци. 
 
Сакаш квалитетна грaдба - викни ги Вевчанските „Слободни ѕидари”. Кој прв ја префрлил печалбарската торба преку рамо не се знае, ама цели генерации Вевчанци оделе дури и преку „Големата бара” во Сад, но и во Чиле, Аргентина...
 
    
 
Младите кои првпат ќе се најделе во карванот разделбата ја паметеле и по обичајот кога мајката на синот ќе му го подаде в пазува крпчето со земја со цел каде и да оди да не ја заборави сопствената грутка земја. 
А во џебот во кусулето ќе му ја тутне недорасцутената гранка дрен за да биде јак како него.  
 
И се враќале. Сѐ уште е едно од најголемите села во регионот.
 
 
Затоа што Вевчани е едно и единствено на светот! 
 
Ех, оваа моја чудесна земја!