И еве ме пак на Солунскиот фронт. Оваа линија што го дели регионот Македонија попречно е судбинска за мојот народ. Линија што ja потцртува бесмисленоста на сите војни, поделби и сите животи изгубени во име на некои туѓи „светски“ интереси.
И, како по правило, невозможно е место со вакво минато да не поседува исклучителна убавина. Просто како да целата воена голгота се отелотворила во место што зрачи со некоја чудна прочистеност.
Овој регион е населен од предантичко време со докази за првите леарници на железо од пред 15.000 години. Во овој крај e најголемиот антички македонски град Идомена и градовите Гординија и Исарот. Се верува дека гевгелискиот дијалект е најблизок до античкиот македонски јазик. Гевгелија се наоѓа на границата со Грција, на 50 метри надморска височина во подножјето на планината Кожуф.
Гевгеличани секогаш биле уникатни. На почетокот на минатиот век гевгелиските семејства масовно се занимаваат со чување на свилени буби. Всушност, тоа се вид гасеници кои во фазата пред претворање во пеперуга лачат течност што во допир со воздухот се стврднува и формира нежна куќарка „кукла“ со природна боја на свила. Бубите се хранат со листови од дудинка, па така Гевгелија и до ден-денес се лади во сенките на ова растение. Постоела и фабрика за преработка на свилениот конец, каде што белите „кукли“ се потопувале во казани со врела вода и од нив се влечеле тенки свилени конци.
Делницата Гевгелија-Кожуф е единствен пример во светот каде што на кратко растојание од 37 километри имате комплетна ботаничка градина со сите растителни вариетети. Градината почнува со медитеранските растенија во Гевгелија, a по патот покрај Конска Река го забележувам ендемичниот вид растениe – гол човек (arbutus andrachne), единствено зимзелено дрво што двапати годишно ја менува својата црвенкава и лушпеста кора. Кога ќе го допрете, имате чувство дека допирате нежна човечка кожа. Лисјата му се јајцевидни, а цветовите распоредени како гроздови.
На патот кон ски-центарот поминуваме низ местото наречено Смрдлива Вода. Се наоѓа на надморска височина од 850 метри. Познато е по минералната вода и нејзината лековитост за стомачни заболувања и заболувања на желудникот и бубрезите.
Во античко време Олимп била планината на боговите, а планината Кожуф на џиновите. Затоа и денес еден од врвовите на Кожуф се вика Sена.
Името Кожуф значи кожувче од јагнешка кожа што го носат овчарите за заштита, бидејќи ова е местото каде што можете да се засолните и да го најдете својот мир.
Поради граѓанската војна во Грција планинските села се раселени. По должината на границата со Грција, што оди по врвовите на Кожуф, било забрането движење. Затоа дури сега го откриваме планинскиот масив Кожуф-Ниџе, a Кожуф остана последната негибната еколошка оаза во Европа.
Овде е центарот на географска Македонија. Одовде се гледа Лерин, Ниџе и Пелистер.
Ски-центарот „Кожуф“ е супермодерен центар за зимски спортови што, покрај фантастичните услови за скијање и сноуборд, нуди и летни активности. Такви се овие уредени патеки за пешачење во должина од над сто километри низ букова шума и високите голи предели на Кожуф.
Без разлика дали ќе дојдете на скијање или на планински велосипедизам, планинарење, јавање коњи, риболов на пастрмка, висински спортски подготовки или набљудување птици, на Кожуф ќе се чувствувате како џинови поради нечепнатите шуми измешани од букови и елови дрва.
Ако не сте знаеле, буковата шума го дава најдобриот кислород за човекот, што во себе содржи антибиотски својства. Еловата шума произведува кислород богат со етерични масла што на вас ќе дејствуваат смирувачки.
Под врвот Момина Чука можете да најдете 33 извора на чудотворна планинска вода. Долговечните каракачани велат дека ако по ред се напиете од сите 33 извора ќе живеете подолго 33 дена.
А доколку го посетите Кожуф во периодот од јули до септември имате ексклузивна можност да дегустирате овчо кисело млеко прелеано со планински мед и свежи шумски боровинки, јагоди, малини и капини. Овчарите го викале „мркало“.
Ех, оваа моја чудесна земја...