Што знаеме за јаболката? Малку, а можеби и многу,
но секогаш може и повеќе да се научи. Затоа денес патот нè води во Македонска Калифорнија! Во Преспа, по пат накитен со јаболка.
Време на берба е. Нè пречекуваат толпа берачи чии раце се полни со кошници со јаболка и ореви. Една бабичка ми вели:
- Ајирлија нека ни е работата!
Аирлија, одговарам и се нафаќам да им помогнам.
А во работа, часот во минута се претвора и брзо поминува. Стомакот кркори, па срам-несрам,
си прашав:
- Нешто за јадење? Бабичке, а една пита?
Онаква, домашна!
Бабичката ми одговара:
- Пита ќе направиме, но ајде и нешто друго, нешто
што мене мајка ми ме научила. Но додека се подготвува јадењето, ај тркни до гората и набери
некој зачин.
- Нема, некоја продавница да купам? - прашувам збунето, а таа со насмевка ми вели:
- Еј, види ја Балтан Планина, тоа е нашата продавница.
Балтан Планина е полна со нане, мајчина душица, камилица, коприва... во зависност од сезоната, ама зошто Балтан? Легендата ни ја раскажа една постара госпоѓа, а нејзе, пак, ѝ ја раскажал некој стар дедо
пред многу години, кој ја слушнал од својот дедо...
и вели вака:
„Во дамнешно време, кога тука престојувал некој бег, една девојка, рисјанка, побегнала со еден од неговите војниците. Бегот се растрчал да го пронајде војникот
и го нашле скриен на планината. Кога го прашале што барал тука, тој им рекол: - Тука најдов поблаго од мед, повредно од алтан (мед на турски е бал, а злато
- алтан). Значи таа била толку слатка и скапоцена. Оттогаш, како што раскажувале Турците во аскерот, планината се вика Балтан“.
Селото Брајчино се наоѓа на Балтан Планина. Низ него тече и реката Балтан. Но што е Брајчино? Прашав, бидејќи навистина не знаев што е Брајчино?
Село или туристички комплекс? Ако е село, јас во овие наши македонски села сè уште немам видено таква добра организираност, одлична обележаност и...
и бескрајна чистота. Ниту едно книвче, ниту догорче на патот. Само бескрајно диво зеленило, жуборењето на Балтан и мирисливиот воздух што ви ги плени белите дробови.
Денес во Брајчино десетина куќи издаваат соби, во рамките на проектот за развој на селскиот туризам. Старите куќи се обновуваат, а има и зошто. Постојано се зголемува бројот на туристи што сакаат да престојуваат во ова село. Туристичките агенции знаат за проектот и повеќето посети се организирани.
И додека така занесен се симнував од планината со полни раце, слушам, некој вика по мене:
- Ајде, синко, готово е јадењето. Ти подготвив циронка, види колку си сув, како циронка - со насмевка ме повикува бабичката.
Не ми требаше многу, право кон шпоретот на кој се готви циронката, а бабичката од фурна ја вади питата.
Циронка
Се подготвува од рибата белвица, но исклучиво од свежа риба. Значи кога ќе се донесат рибите од езерото, добро ќе се измијат и се солат со многу сол, онака да побелат од солта. Така побелени се оставаат во еден сад, да постојат шест до седум дена. Во садот не се става ништо друго, освен можеби коприва, бидејќи „не оди некоја мува да ги расипе“.
По една недела, белвицата се вади и се ниже со игла и конец, исто како и пиперките. Нижењето секогаш оди од главата. Се оставаат на сонце неколку дена, се собираат во сад и онака сушени, цела зима може да се користат.
Циронката убаво се потпекува (на рингла) од двете страни. Потоа, онака потпечени се ставаат во жешка вода и притоа водата се менува најмалку двапати. Мора да излезе солта, бидејќи нема да може да се јадат, пресолени се. Потоа се редат во „панче“, се става малку нане, пипер буковка и по желба масло и оцет. Некои ставаат и лук. Се остава течноста да се впие во нив, а потоа се меки и „родени“ за мезе. И секако, се јадат со макало.
И не заборавајте: Рибата е белвица, а сувата риба е циронка.
Тоа беше дел од нашата приказна за Брајчино. Една ронка од она што го видовме таму. Бидејќи Брајчино, навистина, нуди големи можности, особено доколку ви е потребен спокој и чист воздух.
Ех, оваа моја чудесна земја.