Во гнездото на ХЕРОИТЕ

Парадоксално, но најголемото проклетство во индустријата на забавата е во нејзината најголема привлечност да се биде обожаван. Ако сега речам Крушево, сите гласно ќе извикаме Тоше Проевски.
Но ова мало гратче создадено во средината на 15 век
по многу нешта прилега на музеј, поврзува со минатото, навлекувајќи ја сегашноста на некој
постојан испит со аманет за иднината.

Крушево! Колку е убаво распослано во планинскиве пазуви, чиниш цело ти е на дланка. Ех, да… Но, само пред сто и нешто години не си можел вака цело да го видиш затоа што било десетина пати поголемо. Го срушиле и го запалиле османлиските топови, но во пепелта на тие бурни илинденски денови не можел да згасне единствено слободарскиот македонски дух. Затоа сме денес во Крушево.

Колку знаеме за Крушево?

Крушево не е само Тоше Проевски, Крушево е и Никола Мартиновски. Неговиот дом во кој денес е сместена Галеријата на слики, на еден тивок и непретенциозен начин ни претставува дел од пообемното творештво на овој наш академик.
Овој исклучителен уметник чие раѓање е означено во годината на Илинденското востание, 60-ина години подоцна, на својот град ќе му остави 62 масла,
темпери и цртежи. Неговите слики раскажуваат за животот, оној обичниот, толку многу поврзан со обичаите и амбиентот на една крушевска куќа. ,,Доилка“, ,,Мајка со дете“, неговата ,,Месечина“… ,,Монмартр“… се дела кои рака под рака или рамка
до рамка може да стојат до најголемите светски автори.

Верувам, малкумина знаат дека традицијата на рачно ткаење персиски килими во овој регион започнува со семејството Заси, кое во 1932 година ја отворило
првата фабрика во Крушево.

Градот-музеј и ден-денес во себе чува дел од атмосферата од старите крушевски куќи. Во нив,
пак – восхит кон боите на простирките од козјо влакно и на вградените мусандри, долапи во ѕидовите, во кои се чувале постелите и кујнските работи.

Од друга страна, пак, крушевскиот локум е сè уште тајна неоткриена. Велат, тајната на приготвување од Солун ја донел слаткарот Ѓорѓи Тагас и денес се произведува како посебен специјалитет на кој едноставно не може да му се одолее. Овие слатки „сувенири“ три генерации слаткари едноподруго го произведуваат без најмала промена.

Но искрено, што најмногу ме привлече во Крушево?

Духот на Крушево

Во манастирот во Велјуса ги почувствував богатството и мисловниот татнеж на молкот… Во „Света Пречиста Кичевска“ го најдов и својот душевен мир…
Во камените монашки келии кај Зрзе бев аскет-испосник… Во Кратово бев чувар на скриеното богатство на монети од античко до денес…
На Кокино се почувствував како крал на ѕвездите…

Насекаде се чувствував чудесно во оваа моја чудесна земја, но тука, во Крушево, сакав да го почувствувам духот на војводите, на комитите, на луѓето кои за својот народ го дале единственото, најдрагоценото – животот.

Колку мирно се живее во Крушево! Дури и премногу мирно. Како целиот град да е само град на спомени. Спомени за Питу, за Карев, за сите бестрашни воини, спомени за градот, за куќите што ги нема, за семејствата што се раселиле, за пискотниците
од 1903-та…

- Хм, пискотниците еве, мислата ми ја водат кон Прличевата поема „Сердарот“ и стиховите длабоко врежани во меморијата на секој Македонец: „Пискотници се слушаат од Галичник до Река…“.
Но мислата не ми отиде кон Кузман-капидан, туку кон внукот на Глигор Прличев – војводата Христо Узунов, последниот војвода што сам се убива заедно со сите
од четата. Ги прашав луѓево за него. Ми кажаа дека загинал тука блиску, но не во Крушево, туку отаде,
во Цер. А до таму ќе стигнеш по патот. Можеш и напреку, велат, по стариот пат.

По патеките, низ шумите, врвеле четите. Секаде можело да ги начека аскерска бусија или скриен башибозук… смрт. Па нели таков им бил слоганот.
За тоа се заветувале. За тоа врвеле… Можеби требаше да се качам на коњ за повистинито и повозвишено да врвам и јас по овие патеки… Но ете, новово време си го прави своето. Затоа со кола или пеш, како сакам,
кога сакам, слободно се шетам по својата земја.
Цер ќе да е надолу…

Цер

- Ете, сега сè ми е јасно. Ни томови од книги не можат да ја надминат едноставната и чиста народна мисла. Овие едноставни луѓе тука ми ја открија чистата суштина: Зошто се убил војводата Христо Узунов и зошто сами се убиле сите комити од неговата чета.

Овде во Цер! Сигурно заради идеалот. Сигурно заради заветот за Македонија. Но, последниот најблагороден мотив за саможртва им бил – народот. Овој од Цер!
Луѓето раскажуваат, како што им кажувале нивните дедовци и прадедовци, дека селото од сите страни
било сардисано… топовите навртени! Четата на Узунов в село! Условот бил да се предадат или цело село ќе биде пеплосано и старо и младо убиено…
Ги гледам околните стрмнини и се прашувам, не можеле ли низ оган да се пробијат до првата корија,
до најблиската планина. Арно ама, селаните ќе останеле и ќе биле жестоко казнети. Да се предадат не им прилегало на такви дивови. И… војводата ја дал последната наредба: Сите сами да се убијат!

- Затоа и ние сме сега тука, живи и здрави и праиме муабет со вас - ќе ви речат селаните од Цер, благодарни што останал несосечен и неискорнат нивниот корен.

Ете зошто е чудесна мојата Македонија.
Затоа што раѓа и вакви - чудесни луѓе!