Како Струга - нема друга



Во Струга на релативно мал простор е остварен вонвременски спој на природните убавини и културното наследство.

Јагулите и нивните ловци ги населуваат овие води од неолитот па до денес, во непрекинат циклус на животот и смртта, обидувајќи се во оваа убавина да ја допрат вечноста.

Легенда за Охридското езеро



Местото кај што е денеска Оридското езеро од старо време било поле со најубави ливаѓе. Близу до градот Орид имало едно изворче многу длабоко и направено како бунар со капак одозгора, да се заклопува како некоја кутија, што да нема влакно од кај да излезе нити да влезе внатре. 

Градот Орид бил како некое село и бидејќи немало во градот ни чешма ни па бунар, си лееле вода од изворчето оридските жени; секоја жена, што ќе залеела вода од изворчето, требало убаво да го затвори капакот. He оти за да стои чист изворот, ами еден насиет што им бил оставен на жените и на мажите од дедо-предедо, да го затвораат изворот оти, ако не го затвораат, ќе избрзне водата и ќе им го удави сето поле, можеби и селото.

Знаејќи го оридчани тој стар насиет со голем мукает го отворале и го затворале изворот, чунки сите верувале оти ако го остават отворен капакот  ќе избрзне водата и за вистина тоа ги нашло. „Од што се страшиш и се плашиш, тоа ќе те најде” што рекле стари, да, тоа ги нашло и комшиите наши оридчани. Се нашла една глупава невеста што си залеала една вечер вода и од мрза али од будалштина нејзина, не го затворила изворот со капакот. Штом се нашол изворот со отворен капак и си изврел изворот од устината надвор, та си текол, текол целата ноќ и се исполнило сето поле: станало цело блато. Кога се обзорило, отишле жени да си леат вода и што да видат - сето поле се удавило од водата од изворчето и не могле веќе да се приберат да си залеат од изворчето вода, ами си залеале открај. Бараа, тражија, која беше таа жена што го остави изворчето отворено, и ја нашле која невеста била, ама што да и направат, олди бити, тоа веќе се стори и не можело да се отстори.

Од ден на ден растела водата, растела, дури се сторило цело езеро како што го гледаме и денеска што е најголемо езеро. Ете како знаеле старите оридчанци оти требало да се затнува изворчето за да не извре и да не го потопи полето. Како ангел да беше им кажувал на старите што им забранувале на младите, да го затинаат изворчето, за да не ги удави некогаш. 

Ете како се прави голем јанган од една искра, кога не се чинат луѓето мукает.

На 171 км од Скопје и на 675 мнв, Струга лежи во рамнината на струшко поле на двата брега на реката Црн Дрим и на северниот брег на Охридско езеро. Поради отворенoста на струшката котлина, околните планини а и езерото, во Струга дува ветар од сите страни. Јужен ветeр кој е поволен за лов на јагула, плашици и грунец и ветерот Стрмец кој е студен и дува преку цела ноќ со полн бран.

Струга има богата историја. Со потекло уште од неолитскиот период - својот полн сјај го доживува во антиката како дел од патот Виа Игнатиа кој го поврзувал источното и западното римско царство.
Во заливот меѓу Струга и Радожда се наоѓа Локалитетот Врбник. Истражувањата на археолозите покажаа дека се работи за наколно живеалиште. Според наодите населбата датира од 11 до 7 век пред наша ера, а тоа е потврдено со керамичните садови и бронзени белезици кои се тука пронајдени. Исто така меѓу предметите од железо тука археолозите пронајдоа врв од копје, јадица, ножеви како и керамични тегови за мрежи.

Античкото име на Струга е Енхалон што значи јагула,  а денешното име го добива подоцна со доаѓањето на старите словени кои го нарекле Страга што  означува премин. Населението има две теории за името.
Едното толкување вели дека поради отворената положба на градот постојано дува или струже ветер, додека некои автори тврдат дека името како премин потекнува од поминувањето на Црн Дрим низ далјаните. Далјани (турски збор) се места оградени со трска за лов на јагули и риби, една од примарните гранки на овој крај од неолитот па до денес.

Природонаучен музеј Д-р. Никола Незлобински основан 1928 година со прва приватна зоолошка збирка од Никола и Софија Незлобински, медицинари од Русија кои испитувале комарци на Охридско езеро. Постојаната природонаучa изложба содржи растителни и животински видови од Охридското езеро и неговата околина.

Како чин на благодарност за делото на своите сограѓани браќата Константин и Димитар Миладинови, стружани го подигнаа спомен домот лоциран на истоимената улица. Во домот се изложени предмети од животот, делата и остварувањата на браќата Миладиновци. Ним им е посветен и центарот на културата, прогласен за установа од национален интерес. Традиционално секоја година пред платото на Центарот за култура Браќа Миладиновци, отпочнуваат Струшките вечери на поезијата со читање на песната Т,га за југ од Константин Миладинов.

Струшки вечери на поезијата – е најголема светска поетска манифестација која за прв пат се одржала 15 јули 1961 година и традиционално се одржува секоја година во Струга со учество на најмалку 200 светски познати поети. На оваа манифестација се доделува „Златен венец” -најголемо признание за целокупна поетска дејност како и наградата „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга на македонски јазик.

Пештерните цркви

Во склоп на средновековната уметничка ризница на Македонија, мошне значајна целина се црквите проектирани и сликани во пештерите. Преку нив, почнувајќи од 12 век можат да се следат уметничките тенденции во зидното сликарство. Пештерните цркви се дел од монашкиот живот изолирано општење со Бога. За време на турското владеење во Македонија, не билa дозволена изградба на сакрални објекти, а и на христијанското население му биле забрането било какви верски манифестации. Тоа е период на рушење на црквите, а исто така биле симнувани звона од црковните камбанарии, биле претопувани и од нив се правеле топови. Поради тој проблем народот ги градел своите светилишта на тешко пристапни места, меѓу кои и пештерите. Спојот на пештера и црква е навистина необичен и несекојдневен за спелеолозите и археолозите, како кај нас така и од странство, но секако и за јавноста. Во Струга и струшкиот регион регистрирани се четири пештерни цркви.

Архангел Михаил, с. Радожда. За црквата е искористена една природна пештера. Во целост денешниот изглед црквата го добила во XIV век кога истата е пресликана. Во внатрешноста, влагата со тек на време уништила цели површини, но дел од откриените фрески во припратата потекнуваат од XIII век и истите покажуваат дека помладите зографи кои дошле стотина години подоцна да ја исликаат оваа пештерна црква, не го уништиле долниот слој на живописот и во основа ја почитувале старата тематика.

Од времето на XIII век е сочувана импресивната композиција Чудото во Хона, композиција која има директни врски со Охридскиот иконопис од истото столетие. Од XIV век беа откриени досега непознати за научната јавност, ликовите на Св. Климент Охридски и Св. Никола Чудотворец. Зографите на овој фрескоживопис ја продолжуваат традицијата на Охридската сликарска школа која од шеесеттите до осумдесеттите години од XIV век, не го украсувале само спомениците во архиепископскиот град, туку и пештерните храмови во околината.

 Св. Атанасие, Калишта.  Истата е посветена на александрискиот архиепископ кој живеел во IV век и се наоѓа на околу триста метри, јужно од манастирскиот комплекс Калишта. Сместена во природна карпа, над самите води од Охридското Езеро, со влез од југоисточната страна а приодот денес е овозможен преку камени скали. Во внатрешноста е сочуван најголемиот сликарски ансамбл на средновековното сликарство во Струшко. Од извонредниот фрескоживопис би ги издвоиле импресивните ликови на првите пустиници Св. Антоние, Св. Ефтимие, како и прекрасниот лик на заштитникот на градот Охрид, Св. Климент Охридски. Неповторливи се и ликовите на великомачениците: Св. Петка, Св. Марина и Св. Варвара, насликани на јужниот ѕид, над самиот влез од внатрешноста а истите претставуваат раритет бидејќи нивните допојасни ликови се врамени во рамки, како икони, карактеристика која го води своето потекло уште од XI век а тоа го имаме во Охридската катедрала - Св. Софија.  Стилските белези на овие фрески недвосмислено укажуваат на нивно датирање во шеесеттите или седумдесеттите години од XIV век.

За јагулата...

Саргаското море се наоѓа во центарот на северниот дел на Атлантскиот океан помеѓу Бермудските и Азорските острови - во центарот на северноатлантскиот морски вител. Охридската јагула патувала повеќе од една година, изминувајќи околу 6000км. низ реката Дрим преку Албанија, Јадранското море, низ Медитеранот се до Атлантскиот океан и Саргаското море.

Таму се мрестела на длабочина од 400 до 800 метри. По оплодувањето на икрите возрасните јагули изумирале, а подмладокот по истиот пат се враќал во Охридското езеро.

Природниот пат на охридската јагула од Охридското езеро до Саргаското море е прекинат во шееесетите години од минатиот век . Оваа риба не може да се мрести во Саргаското море поради двете брани изградени на нашиот дел од Црн Дрим и трите брани на делот во Албанија, па Охридското езеро сега мора да се порибува на вештачки начин. Постои иницијатива за повторно воспоставување на патот по кој се движела јагулата.

Ех, оваа моја чудесна земја!