Митрите
од „Дворецот на Св. Георгиј“
Манастирот во с. Рајчица, посветен на „Св. Георгиј Победоносец“, бил толку прекрасен и убав што го нарекувале и „Дворецот на св. Георгиј“. Во минатото овој манастир функционирал како економски дел на Бигорскиот манастир, поточно бил негов составен дел, а за богатството на манастирот говори и податокот дека на местото на денешното Дебарско Езеро порано имало река и пат и манастирот всушност бил издигнат над патот, а надолу под него се простирале големи насади со лозја.
 
 
Монасите произведувале вино, ракија, најверојатно имале и добиток, а се смета дека имале и плантажи 
со маслинки во Елбасан (Албанија). 

И така функционирајќи заедно, двата манастира 
("Св. Јован Бигорски" и "Св. Георгиј Победоносец") биле економски многу силни. Но уште посилни биле духовно, знаејќи дека Бигорски бил еден голем духовен, културен и образовен центар во западна Македонија во тоа време. Манастирот во Рајчица 
е всушност метох на Бигорскиот манастир, значи манастир изграден во рамките на друг поголем манастир - како една гранка, како плод на поголем манастир.
 
 
Манастирската црква датира од 1835 година,
но се претпоставува дека е изградена врз темели на уште постара црква од 16 век. Црквата комплетно е зографисана од двајца познати зографи, Даниел и Михаил Зограф и нивниот ученик Дичо Зограф, 
кој ја продолжува дејноста на своите мајстори. 
Пред десет години конаците се комплетно обновени како нова градба во византиски стил. Слава на манастирот е Ѓурѓовден (6 мај), а како втора слава 
се слави Крстовден, затоа што по Божја промисла, 
не знаејќи, отец Партениј токму на тој ден го благословувал возобновувањето. И кога завршило осветувањето, отецот над влезот од црквата прочитал дека токму на Крстовден се поставени темелите и на стариот, претходниот манастир.
 
 
„Кога Бог сака, прави чуда... така и доаѓањето на моштите на ,Св. Георгиј’ е чудо, бидејќи тоа е вистинско богатство за нашиот манастир“, вели сестра Анастазија. „Кога моштите во ноември 2003 година доаѓале од Атина, преку Солун и Битола, патувале во мало дрвено ковчеже. Во текот на патот моштите воопшто не мирисале и немало благоухана миризба, но само што излегле од Дебар и тргнале накај манастирот, во комбито се почувствувала благопријатна миризба. Сите што биле во комбито се изненадиле, а отец Партениј со солзи в очи и со голема радост извикал: ,Св. Георгиј си доаѓа дома’“.
 
 
Инаку, моштите потекнуваат од крајот на 3 и почетокот на 4 век, кога се упокоил св. Георгиј. Се чувале на Света Гора од страна на неколку старци. Во едно време кај старците на гости дошол еден Ѓорѓи кој останал кај нив цела година. Бидејќи го носел името 
на Георгиј, старците решиле да му го подарат ова парче од моштите и тој долго го чувал. По извесно време тој Ѓорѓи се замонашува, го добива името Епифаниј и го праќаат во Атина да служи како архимандрит во црквата во која служел и отецот на манастирот во Рајчица, игумениј Партениј и го запознава. Кога при првата нивна средба било 
кажано дека во Рајчица ќе се гради метох на св. Георгиј, игуменот толку многу се изненадил и ги подарил моштите.
Моштите, парче од дланката на св. Георгиј, се сместени во рака купена од специјализирана продавница во Солун.
 
 
 
Раката е изработена од сребро и во еден дел е позлатена, а во предниот дел украсена со циркони и со рубини. Кутијата во која се чуваат е купена во Атина во 2001 година со прилози на верниците.
 
Инаку, во манастирот во селото Рајчица се чуваат 
и моштите на св. Јован Кукузел, кој потекнувал од дебарскиот крај.
Но зошто толку малку знаеме за манастирот во Рајчица?
Самото село некогаш било богато и полно. Денес има само три семејства кои сè уште живеат тука. Кога ќе застанете на скалите од манастирот, пред вас се расположува прекрасен видик на Дебарското Езеро. Но она по што и треба да се памети се вештите раце на деветте сестри (монахињи), чиј труд се огледа на главите на најпознатите светски владици. Овие сестри својата длабока понизност кон Бога ја чувствуваат како бескрајна љубов, а за себе скромно велат дека се само алатка преку која се исполнува Божјата промисла.
Но едноставно не можете да останете рамнодушен пред достоинственоста, убавината, раскошот и отменоста на митрите, неизоставниот дел, врвниот елемент на архијерејската одежда, која се носи при најголемите богослужби. Во нивните раце, оживува убавината на круните на духовните отци – епископите, токму она по што овој манастир ќе стане бележит во православниот свет. За неполни десет години откако манастирот добил послушание и благослов за изработка на митрите, монахињите изработиле над  270 уникатни митри, не само за сите македонски владици и епископи туку доверба ќе добијат и од епископите од Балканот, Русија, Америка, од вселенскиот патријарх... Тајната е, велат, пренесена од митрополит Геласиј, преку игуменот архимандрит Партениј, кој уште како млад имал желба да ја научи вештината. Но вистината е дека овие, слободно може да се каже - уметнички дела, се издигаат далеку над занаетчиската вештина.
 
 
Секој детаљ од митрата си означува нешто одредено 
- од страните стојат четирите евангелисти: Матеј, Јован, Лука и Марко. Тие се стандарден дел на секоја митра. Горе на врвот е крстот, а на челото има византиски двоглав орел, кој ја симболизира црковната и световната власт под една круна, зашто во тоа време државата била така организирана: патријархот и царот заеднички ја воделе државата. Така тој византиски симбол е пренесен на сите православни земји. Има и еден венец со дванаесет ушиња. Боите си имаат исто така свое значење. Обично на празник на маченик се носи црвена, на Св. Богородица сина, зелената е боја на Светиот дух, па се носи за Дуовден итн. Самата митра, пак, има облик на црква, а црквата, нели, 
нам ни е чуварка на догмите, па кога самиот епископ ја носи, тој ја изразува својата улога како заштитник на единствената православна Вистина предадена во догмите. Се везе со срма и со златни жици, а потоа се украсува со циркони, со кристали или со бисери.
 
 
За инспирацијата, монахињите велат дека е тоа благодатта на Светиот дух - просветлението. 
Но секогаш се добредојдени како пример музејските експонати и начинот на кој тоа го правеле уште во стари времиња. - Главно ја запазуваме традицијата, иако има иновативни моменти и слобода во креирањето на мотивите - вели монахињата Анастасија. Тоа е уметност излезена од молитвите во нивните срца.
 
Ех, ова моја чудесна земја.