Попова Шапка и Тетово
Ех, оваа моја чудесна земја! Ред сонце, ред планини, пак ред сонце, па ред непрегледни полиња. Една точка на картата на Европа, а има сè што душа ќе ти посака; и езера и шуми, планини со снег, зелени долини, а богами и пустини.
 
 
Но, во оваа пригода нема да зборувам за камили и бедуини, туку за сноубордери и поклоници на алпското скијање и екстремните спортови. Одиме горе! Да нè згрее и да нè поцрни зимското македонско сонце. Одиме на Попова Шапка.
 
Според легендата, невообичаеното име на ова место настанало некогаш одамна кога некој поп си ја изгубил шапката. Попот, заедно со селаните, долго ја барале шапката, но не успеале да ја најдат. Во еден момент еден од селаните на шега извикал дека шапката е на врвот, бидејќи тој личел на поповата шапка. Попот шапката не си ја нашол, но името на регионот останало.
 
 
Скијањето овде има традиција од речиси еден век. Во 1934 година на надморска височина од 1.710 метри на Попова Шапка е изграден првиот планинарски дом.
 
 
Местото се карактеризира со голем број на сончеви денови во текот на целата година и со обилен снег од ноември до мај. Во 1947 година првпат е одржан Шарпланински куп – скијачка манифестација најстара на Балканот. Скијачките патеки се соодветни за повеќе ски‐дисциплини, но скијањето надвор од патека било незаборавно доживување. На горниот дел на скијалиштето има снег во изобилство дури и над еден метар, карпи и дрва воопшто нема (имено, скијалиштето се наоѓа над појасот каде што растат дрвја).
 
   
 
Поклониците на екстремните спортови што трагаат по атрактивни скијалишта низ целата планета го ставаат скијањето на Шапка и регионот Лешница во ранг со Хималаи.
 
Велат, сонце, недопрен природен снег во огромни количества, бели девствени високи врвови, тишина, без турканици од туристи и комерцијални скијачи. Рецензиите во светските медиуми што се занимаваат со овој спорт велат, Шар Планина е вистински рај со потенцијал да стане најдобро скијалиште на Балканот, а веројатно и едно од најдобрите во Европа.
 
   
 
На патот накај дома, каде и да е, морате да поминете низ Тетово. Според една народна легенда, некогаш, во непосредна близина на градот, меѓу два рида, живеела голема змија од која се плашеле сите. Никој не се осмелувал на страшната ѕверка да ѝ излезе на мегдан. Само некојси Тето излегол маж. Оттогаш, според легендата, местото каде што била убиена змијата со меч и штит (калкан), било наречено Калкандели, а градот (на турски) – Калканделен. Во сеќавање на јунакот Тето, пак, месното население населбата ја нарекло со името Тетово.
 
Крајот е населен уште од неолитот и до ден-денес овде се мешаат култури, религии и го прават местово толку единствено.
 
 
А има ли нешто порепрезентативно за некое место од локалната храна? Нема! Кој е најпрочуениот тетовски бренд? Вратничките фурнаџии? Оние чиишто наследници денес и на Менхетн имаат фурни? Не! Се знае! Тетовското гравче!
 
 
 
Појдете на пазарот во Тетово и купете си гравче и везени пиперки, кромид од локално производство, веза нане, завиткајте ги во весник и направете пакетче „автентична органска храна“.
 
   
 
Подарете со гордост! Зашто за тетовскиот грав приказни се раскажуваат. А во меѓувреме, да појдеме и се згрееме на вистинска тетовска софра. По денот поминат на снег, чашка жолта или вранец, тавче гравче, туршија, т’лчено лукче, дроб-сарма или полнети пиперки, назли-фатме...
 
Што да кажам освен...
Ех, оваа моја чудесна земја!