Јуфки

Шетам низ еден од огромните супер маркети покрај рафтовите со тестенини...
Шпагети, тортелини, фиде, пене, спиралети, критараки, канелони, макарони полжавчиња и... погледот ми застанува на „натур” картонска кутија запакувана во обичен најлон на кој пишува „Домашни jуфки”. 

И одеднаш ми светнува? Па да! Имам рецепт!

Ги правеше некогаш одамна баба ми летно време додека се уште беше доволно топло за да се исушат. Во зимските студени утра ми ја грееја душата потсетувајќи ме на летото.

Зошто убаво спакуваните тестенини направени во некоја фабрика никогаш не можат да го имаат истиот оној вкус кој те „утешува” после тешкиот работен ден?

Сигурно затоа што во нивното месење е вткаено сонцето и безгрижната амосфера на спокојно летно попладне. И затоа што домашно си е домашно!

Подготовка Тешка

  1. Јајцата, млекото и солта се изматуваат убаво да се спојат. Во ванглата се просејува брашното низ сито (можете и низ поголема цедалка од мрежа) и мешајќи постепено ја додаваме смесата од млеко и јајца. Мешаме додека не добиеме хомогена смеса, ако е потребно додаваме млеко. Месиме се додека не почне да се одвојува од ѕидовите на садот. За полесно да се измеси, можеме смесата да ја поделиме на два дела.
     
  2. Се покрива со фолија, и се остава да стои ½ час.
    Сега почнуваме со развлекувањето на корите. Земаме дел од тестото и го замотуваме во ролат. Со нож сечеме парчиња дебели 3-4 см. Ги притиснуваме малку да се истенчат и ги посипуваме со брашно.

     
  3. Парчето го тенчиме на машина. Почнуваме со помал број на отворот (2), ги поминуваме сите парчиња и ги оставаме распоредени на маса посипана со брашно. Го повторуваме тенчењето уште неколку пати, секој пат со помал отвор на машината (4,5 и 7), за да добиеме што потенки кори.
     
  4. Се редат на сушалка за алишта (проверено - најмалку простор завземаат, а воедно сушалката лесно се преместува од место на место). Под сушалката постелете чист чаршав зошто при сушењето корите се лизгаат и паѓаат. Можете секоја кора да ја завиткате пак во ролна и внимателно, со оштар нож да ја исечете на тенки ленти а можете и просушени да ги соберете и само да ги искршите. Одвреме/навреме промешувајте ги и искршете ги. Кога се сосема суви, соберете ги во чисти платнени торбиња и чекајте зимо! ...не дека и летно време нема да ви бидат вкусни...

Рецепт за подготвување на јадењето

  1. Во тенџере од 2л. го ставаме маслото и го загреваме на умерен оган. Ги додаваме јуфките и мешаме непрекинато додека не добијат светло златна боја. Ги тргаме од оган и додаваме вода само колку да се покријат јуфките. Додаваме сол и ги враќаме на оган.
     
  2. На тивок оган ги оставаме да ја упијат течноста. Промешувајте повремено за да не загорат. Готови се за околу 5 мин. Посипете со бело сиренце.

    Ах да... и не заборавете дека се жешки! Дувајте!

     

Потребни состојки:

30 јајца

5 кг брашно тип 500 (пекарско брашно)

1/2 литар млеко

2 малечки лажици сол
 

Опрема

Машинка за развлекување кори

Поголема вангла
 

Потребни состојки за јадењето

4 шољи јуфки

50 гр масло за јадење (може и путер)

вода

1 лажишка сол