Бамјата е многу убаво зелено растение кое расте околу 1.5м. Има прекрасни нежни млечно бели цветови слични на Хибискусот и убави големи листови со светло зелена боја. Малите плодови растат при врвот на растението и ја менуваат својата големина брзо. За само 2-3 дена треба да се наберат. Тогаш имаат 2-3 см во должина и се крцкави и додека поголемите бамји се кожести и остри.
Бамјата е составен дел на африканската кујна од каде се проширила на сите континенти и станала дел и од балканската, блискоисточната и - креолската кујна. Можеби не сте знаеле но синонимот за Њу Орлеанс јадењето наречено Гамбо содржи бамји во било која комбинација.
За мене лично бамјата е синоним за лето. Баба ми ќе ме пратеше да наберам мали бамјичиња од бавчата. Ќе го прескокнев ѕидчето кое ја двоеше бавчата од улицата и ќе се најдев во џунгла од прекрасни зелени стракови со нежни млечно бели цветови на врвот. И токму таму беа тие. Младите бамјичиња кои со сочен звук се одвојуваа кога ги кинеш. Ги берев секое утро. По 2/3 дена веќе имаше доволно за манџиче со бамји. Со ова јадење ми почнување долгото и безгрижно лето а денес се неизбежно на менито на секоја наша домашна забава.

Подготовка
Лесно
30 мин.
4 лица
-
На бамјите им се сечат дршките внимателно - да не се засече самиот плод. Се ставаат во сад, се солат и посипуваат со лимонов сок или оцет и се оставаат на сонце 1/2 час да омекнат и пуштат вода.
-
Месото го пржиме во тавчето во кое планираме да го печеме јадењето.
-
Во маслото во кое се пржеше месото го додавате исечканиот кромид, магданос и компирите исечени по должина - на четвртини. Ги додаваме бамјите, испрженото месо и убаво распоредуваме.
-
Поливаме одозгора со сокот од домати и маслиновo масло.
-
Се пече околу 40 мин. на 220ºC. На почетокот можете да покриете со алуминиумска фолија за да се испече месото, а потоа да ја извадите фолијата за да се потпече одозгора.
-
Готово е кога месото ќе поне да се двои од коската а сосот стане густ и темно црвен.
Можете да ги подготвите и на друг начин - само посолени и посипани со масло и испечени во фурна, а потоа со лукче и оцет како салата.
Мммммм... Македонија...
Потребни состојки:
1/2 кг млада бамја
плодовите треба да се мали -
околу 2-3см долги.
8 парчиња пилешко месо
(копанчиња, надкопанчиња, крилца, бело месо - по избор)
2 големи компири
1 лимон или малку оцет
1/3 чаша маслиново масло
1 главица кромид
сок од 3 изблендирани домати
1/2 китка сечкан магданос
1/3 кафено лажиче лут буковец
сол
бибер