ШТИПСКА пастрмајлија

И додека цела Македонија се „расправа“ чија пастрмајлија е вистинската, решивме да ги пробаме СИТЕ. Зошто да не?! Сега е месецот со „р“, значи вистинско време.

Ја јадевме велешката, сега ја вкусуваме штипската, а има работа и околу неготинската, кратовската, радовишката... остана ли уште некоја?

 
Во основа, секогаш е проблем кога барате рецепт од некој искусен готвач. Ги чуваат како змија нозете. Но, замислете колку е тешко да добиете рецепт од еден цел град! Никој, ама баш никој не ја раскажува „прикаската“ за таа вкусна пита, а најмалку штипските готвачи. На секој обид да проникнете во нивната тајна, ќе ве однесат во минатото и ќе ви речат: „Ех, да можевте да ја пробате пастрмајлијата во ’Каната’ или во ’Басара!’ Во викендите редици се чекаа. Ваша работа беше да си донесете само сечкано месо, останатото се правеше таму“.

И во една недовршена сторија, сепак успеавме да украдеме дел од тајната, барем делот за подготовка на месото. Што се однесува до тестото... останува да го направите по свое и тоа да стане дел од вашата тајна за Штипската пастрмајлија.

 

Подготовка Лесно 90 мин. 4 лица

  1. Тајната е во алевата пиперка (ал пипер). Најдобро е месото да се приготви еден ден порано или најмалку шест часа да отстои зачинето со сол, со бибер и секако, со црвен пипер.
     
  2. Месото се сечка на мали парчиња.
     
  3. Брашното го замесувате вообичаено, со вода и со малку сол и го оставате да се подигне.
     
  4. Тестото го делите на два дела.
     
  5. Секое парче се размесува во елипсовидна форма и врз него се става приготвеното месо.
     
  6. Врз секое парче пастрмајлија се става и по една лажица свинска маст.
     

Штипјани не ставаат јајце врз пастрмајлијата.

Затоа, доколку се најдете во некој штипски ресторан а сакате пастрмајлија со јајце - тоа морате да им го потенцирате.

И не е некоја тајна дека најубаво е пастрмајлијата да ја испечете во фурна на дрва. Доколку ја немате дома, ќе ви послужи и електричниот шпорет, но претходно добро ќе ја загреете рерната. Најмалку на 250 ºC.
 
Се пече 25 минути, а се јаде за минута. Дозволите и да  „си дојде на себе”. Убаво би било да ја завиткате во платнена крпа и да дадете малку време да се одмори. Така ќе развие побогат вкус.
 
На оние, пак, што се многу гладни, им се нуди швајцувана пастрмајлија! По скопски - двојна.
 
Ех оваа моја чудесна земја!

Потребни состојки:

По некои стандарди,
за две пити (во домашни услови)
потребни ви се:

300 грама бело брашно

околу 200 грама свинско месо

малку сол

црн пипер,

малку вода и...

црвен пипер!