Секој ден избирајќи ја храната што ја јадеме, несвесно се определуваме меѓу здравјето и болеста, доброто расположение и мрзливоста. А храната е насекаде околу нас. Во неа уживаме, со неа комуницираме, заведуваме и си ги откриваме сопствените слабости.
Животниот пат на Ајша Тефикоска се движел по разни меридијани. Еден дел во с. Јанче (Маврово-Ростуше), па дел во Египет, потоа Италија, а сега се врати кон својот почеток и повторно го вкуси животот и воздухот во Јанче. Оваа ведра жена ќе ве пречека со широка насмевка и ќе ве искара затоа што ненајавено ѝ се „втурнавте“ во кујната, па нема да може да ви ги приготви сите јадења што таа би сакала да ви ги понуди. Од пита сарајлија, преку пченкарен леб, за мене непознатата реканска пита со грав, потоа качамак со домашно кисело млеко, можеби селско месо или свежа пастрмка од блиската Радика, за на крај да се облажите со еден куп стари, веќе подзаборавени блага –шеќер-паре, аландити или баклава. И сето тоа доколку сте расположени за традиционалната кујна. Но во ресторанот на хотелот „Тутто“, Ајша ќе ви приготви и дел од интернационалната кујна, затоа што занаетот го учела на разни страни од светот.

Подготовка
Лесно
90 мин.
4 лица
-
Пиперките се печат, потоа се лупат и се редат во сад.
-
Секој ред се посолува и се посипува со сечкан магдонос и лукче,
-
На крајот се преливаат со оцет и масло.
-
Се служат веднаш како салата а со додавање на есенција можат да се чуваат и преку зима во тегли.
Дента кога бевме во Јанче беше средината на октомври, кога домаќинките на големо го користат секој слободен миг за подготвување зимница.
Во беспрекорно чистата кујна и Ајша ги подготвуваше теглите за свилена туршија. „Не знам зошто ја викаат свилена туршија, но гостите токму неа и најмногу ја бараат“, вели Ајша. „Мислам дека секој знае и дома да си ја направи. Едноставно се печат пиперки, потоа се лупат, се ставаат во оцет и есенција, се додава магдонос и се полнат теглите.
Но, важно е да ги оставите теглите во вода, сами да се изладат“.
Потребни состојки:
1 кг пиперки по желба
3 чешниња лук
100 гр масло
100гр вински оцет
1 китка магдонос
сол по желба