Ширден – ароми на Ориентот
Кој дошол во Прилеп а не пробал Ширден – исто како да не бил во Прилеп.
Овој традицонален македонски рецепт е наследство од ориенталната кујна и никого не го остава рамнодушен... За помалку упатените Ширденот е внатрешна обвивка на желудникот на јагне.

Подготовка
Средно тешко
120 мин.
4 лица
-
Ширденот темелно се чисти, струга и таков е подготвен за полнење.
-
Месото се сецка на мали коцкички и се мие со вода. Во тенџере се става масло, се додава месото и се пржи околу 30 мин. Пред крај на пржењето се додава ситно сечканиот кромид, по што сѐ се пропржува уште 5 мин. Потоа се додаваат ситно исечканите суви пиперки, ситно исечканиот лук, солта, биберот, црвениот пипер и пименто. Тенџерето се трга од оган и се додава измиениот ориз.
-
Во секој ширден ставете по два грста од смесата и малку течност од онаа што ја пушти месото при динстањето.
-
Ширденот затворете го со чачкалица. Наредете ги ширдените во земјена тава, налејте пиво и вода до половина. Ставете малку црвен пипер, прелијте со масло, и избоцкајте ги ширдените со чачкалица за да не испукаат при печење.
-
Печете ги ширдените во рерна на температура од 180C, околу 90 мин. Кога ќе добијат убава црвена боја, превртете ги, и почекајте ги да се вцрвенат и од оваа страна. Ако е потребно, покријте ги со хартија за печење за да не изгорат одозгора.
Сервирање
Се служи богато прелиено со сосот од печењето, со „СВИЛЕНА ТУРШИЈА“ и црвено вино.
Потребни состојки:
1 кг јагнешко месо
(може да се додадат
и јагнешки изнутрици)
1 главица кромид
3 чешниња лук
4-5 суви пиперки
½ лажица црвен пипер
зачини: сол, бибер, пименто (бахари)
150 гр ориз
150 гр маслиново масло
250 мл вода
100 мл Пиво