Во Македонија, а особено во нејзините северни делови, нема зимска идила без пача. Иако тоа тешко паѓа во студените денови на пост околу празниците од Свети Никола до Божиќ. Ладните залаци што го опиваат непцето со неочекувано богатиот вкус, чашка домашна ракија и погодено друштво ве тераат да ги засакате кратките зимски денови и мраз студените ноќи. Како беше странскиот израз? Comfort food? Да, навистина... Храна што ја грее душата.

Подготовка
Едноставна
300 мин.
4 лица
-
Во голем лонец ставете го месото и ноџињата, налејте студена вода речиси до врвот и варете на умерен оган околу четири до пет часа. Како што ќе почне да се загрева течноста, така ќе почне да се појавува пена. Отстранувајте ја пената сè додека не престане да пени и потоа додадете ги зрната бибер, ловоровиот лист, солта, двете чешниња лук и кромидот.
-
Кога водата ќе изврие речиси до половина, со помош на виљушката боцнете го месото и проверете дали е варено. Ако се дели самото од коските, тогаш е готово.
-
Оставете го тенџерето убаво да се излади. Месото исечкајте го на ситни парчиња, месото од ноџињата одделете го внимателно од коската.
-
Процедете ја чорбата и отстранете ја маста што се собира на површината.
-
Во аван ставете го лукчето, додајте сол и истолчете го убаво. Додајте го во чорбата.
-
Месото распоредете го во неколку чинии и прелејте со чорба. Оставете ги чиниите да се ладат и кога одозгора ќе се "фати" коричка – отстранете ја. Оставете ја Пачата на ладно место да желира, внимавајте да не се смрзне.
Сервирање
Се служи исечено на коцки, како предјадење или мезе со ракија.
Потребни состојки:
1 кг свински ноџиња и уши
(месото треба да содржи коски,
бидејќи тие ја желираат чорбата)
250 гр свинска кртина
250 гр телешка кртина
5-6 чешниња лук
средно голем кромид
сол
бел бибер
ловоров лист