Подготовка
Тешка
180 мин.
4 лица
-
Две недели пред подготвувањето ставете ги полжавите во пластична кутија покриена со газа и посипете ги со пченкарно брашно. Хранејќи се со брашното, тие го прочистуваат организмот од трева и земја, а ако во храната им додадете и копар, ќе добијат и интересен вкус. Одржувајте ја влажноста во кутијата така што одвреме-навреме ќе ги измиете полжавите под млаз свежа вода. Во спротивно, во недостаток на влага, тие се сушат и паѓаат во „сон” – хибернација. По две недели нивните организми се исчистени. Сега ги миете убаво под млаз вода, ги оставате да се исушат и ги собирате во пластична кеса убаво заврзана за да не избегаат, но продупчена на повеќе места за да можат да дишат. Стојат на суво место (во хибернација). Внимавајте, ако им се појави и најмала влага ќе се „разбудат”.
-
Пред подготовката уште еднаш убаво кратко се мијат во вода измешана со малку оцет за дезинфекција и додека се уште во сон се ставаат во лонец со солена вода што врие. Се варат околу 5 до 10 минути, при што постојано треба да ја отстранувате пената што ќе се појавува. Готови се кога ќе престане да излегува пена.
-
Во друго тенџере ставате путер и ситно сечкан кромид и го пропржувате околу 5 минути на најсилен оган. Тенџерето го тргате настрана и додавате две полни супени лажици пире од домати, го разматувате убаво да се изедначи смесата и потоа додавате околу половина литар вода. Китката магдонос ја сечкате покрупно и ја додавате во тенџерето.
-
Тенџерето го враќате на оган и додавате сол и бибер по вкус.
Кога ќе почне да врие, го намалувате оганот и ги додавате претходно сварените полжави.
-
Покривате наполу со капак и оставате да крчка околу 30 минути додека не се згусти сосот.
Начин на јадење
Покрај прекрасниот вкус што го има ова јадење, забава претставува и вадењето на мевцата од куќичките.
Најлесно, тоа се изведува на следниот начин:
Ја држите куќичката со отворот свртен кон вас и со рабните запци од вилушката свртена надолу го боцнувате мевцето и го извлекувате со еден потег.
Пријатна забава!
Потребни состојки:
1 кг кафеави полжави
(оние со светлокафеава боја
на телото и со темна куќичка
прошарана со посветли линии
– Helix pomatia, уште се
нарекуваат и градинарски полжави)
1 веза магдонос
1 голема главичка кромид
3 чешниња лук
пире од домати
150 гр путер или масло за јадење (маслиново, на пример)
сол
бибер