Наутлија-лепче
со единствен вкус
Ароматичното лепче наутлија, што традиционално се подготвува за празниците Рожденство и Успение на Пресвета Богородица, идеално се надоврзува со полните, богати и силни мириси и бои на доцното лето и раната есен.
Кога зборуваме за ретките подзаборавени вкусови на македонската, домашна трпеза, сосема неправедно би било да го заобиколиме лепчето наутлија, што традиционално се подготвува за Мала и за Голема Богородица во јужните краеви на Македонија, особено во струмичкиот крај.
Мојата прва асоцијација кога ќе се спомене ова лепче е колоната жени во манастирите „Водоча“ и „Велјуса“ кои, носејќи грстови разнобојно цвеќе во црквата, ја носеа и традиционалната погача подготвена од квас од наут. Лепчињата беа во разновидни форми, со умешни декорации, посипани со шеќер или сосема мазни и обични. Покрај прекрасната арома, овој леб има и неодолив единствен сладникав вкус, кој совршено оди со сирење, но и со нешто слатко. За Преображение, на пример, ова лепче традиционално се јаде со сирење и со грозје. Кој пробал, знае за што зборувам. Неговата подготовка е релативно едноставна. Велам - релативно, оти состојките, како и за сите вистински нешта, се малку ама внимателно дозирани и умешно комбинирани. Секако, важен е „фатот“ на домаќинката и, се разбира, вештината и добрата среќа да се погоди квасецот. Оти тоа е клучниот фактор за да направите наутлија. Како и за секој квас, најважна е топлината и токму затоа овој леб се прави во летните месеци, иако со малку напор може да го месите и зиме, со таа разлика што квасот ќе мора да го ставите во подзагреана рерна. Така и во студените зимски месеци може да уживате во еден типично есенски вкус.

Потребни состојки:
200 до 300 грама наут
сол
млака вода
1 ½ кило бело брашно